• сабота, 16 ноември 2024

Претставничкиот дом на САД одобри декласификација на разузнавачките податоци за потеклото на Ковид

Претставничкиот дом на САД одобри декласификација на разузнавачките податоци за потеклото на Ковид

Вашингтон, 10 март 2023 (МИА) - Претставничкиот дом на САД денеска едногласно го поддржа симнувањето на ознаката за тајност од американските разузнавачки информации за потеклото на Ковид-19.

Одлуката ја поддржаа сите пратеници на Републиканската и Демократската партија, без ниту еден воздржан - резултатот беше 419:0, а останува само да биде потпишан од претседателот на државата Џозеф Бајден за да стапи на сила.

Парламентарната дебата беше кратка и се задржа на темата: Американците сакаат да знаат како настанал смртоносниот вирус и што може да се направи за да се спречат идни епидемии.

„Американската јавност заслужува одговори во поглед на секој аспект на пандемијата со Ковид-19“, рече републиканскиот конгресмен Мајкл Тарнер од Охајо, кој претседава со Комитетот за разузнавачки прашања на Претставничкиот дом.

Според него, тоа вклучува одговори на прашањата „како е создаден овој вирус, а особено дали неговото потекло е природно или е резултат на некое лабораториско случување“.

Експертите велат дека потеклото на вирусот, од кој само во Америка починаа повеќе од милион луѓе, веројатно нема да се знае многу години - ако некогаш и се дознае.

Претходно, Претставничкиот дом, кој сега е под контрола на републиканците, назначи комисија за да го испита потеклото на вирусот.

Доколку одлуката биде потпишана од американскиот претседател, бараните податоци ќе мора да бидат декласифицирани во рок од 90 дена. рп/

Остани поврзан