• понеделник, 23 декември 2024

САД задоволни од обновата на дијалогот меѓу Србија и Косово

САД задоволни од обновата на дијалогот меѓу Србија и Косово
Белград, 20 јули 2020 (МИА) -  Задоволни сме што ЕУ организираше состаноци меѓу Србија и Косово и ја нудиме нашата целосна поддршка, изјави портпарол на Стејт департментот во писмениот одговор за Гласот на Америка во врска со продолжувањето на дијалогот меѓу двете страни. - Нашата цел е договор што двете страни ќе го постигнат за сеопфатна нормализација на односите. Нормализацијата е од суштинско значење за обезбедување стабилност, напредок и безбедност на Западен Балкан, рече портпаролот на Стејт департментот. Како што јави дописникот на МИА од Белград, дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, продолжи на 16 јули во Брисел по пауза од дваесет месеци, со средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти во присуство на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак. Дијалогот беше прекинат во ноември 2018 година, кога владата на тогашниот косовски премиер Рамуш Харадинај воведе такси од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и БиХ. Според тогашната косовска влада, поводот беше меѓународната кампања на српските власти за повлекување на признавањето на независноста на Косово, како и блокирање на членството на Косово во меѓународни организации - како што се УНЕСКО и Интерпол. Укинувањето на таксите, што го побара меѓународната заедница предводено од ЕУ и САД - а што Србија го сметаше како услов за продолжување на дијалогот, делумно го спроведе владата на премиерот Албин Курти. Но, ги замени со реципрочни трговски мерки кон Србија - што предизвика разочарување во САД. По гласањето недоверба на поранешниот премиер Албин Курти, врз основа на одлука на косовскиот Уставен суд и без распишување избори, беше избрана владата на Авдулах Хоти, која ги укина мерките за реципроцитет против Србија, со што создаде услови за продолжување на дијалогот, што се случи во јули. На ова требаше да му претходи средба меѓу Александар Вучиќ, претседателот на Србија и главниот преговарач на српската страна и Хашим Тачи, кој го претставуваше Косово во преговарачкиот процес, со посредство на Ричард Гренел, специјалниот пратеник на Белата куќа за дијалог меѓу двете страни. Средбата на двајцата државници, што требаше да се одржи на 27 јуни во Белата куќа, не се одржа, затоа што три дена пред тоа беше објавен обвнителниот акт против Тачи, обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото. Оттогаш, новоназначениот премиер Авдулах Хоти е главен преговарач на Косово. об/

Остани поврзан