• понеделник, 23 декември 2024

Садир Жапаров избран за премиер на Киргистан

Садир Жапаров избран за премиер на Киргистан

Бишкек, 6 октомври 2020 (МИА) - Парламентот на Киргистан вечерва го изгласа опозицискиот политичар Садир Жапаров за премиер на таа држава, откако претходниот премиер Кубатбек Боронов поднесе оставка поради протести.

Боронов, кој ја имаше поддршката од претседателот, денеска поднесе оставка и на негово место е политичар кој беше ослободен од затвор претходната вечер.

„Садир Жaпаров е назначен за премиер на Киргистан. Одлуката е донесена на вонредна седница на Парламентот", се вели во соопштението, во кое се додава дека седницата била одржана во хотел откако демонстрантите ја зазедоа зградата на Парламентот.

Претходно денеска, Централната изборна комисија на Киргистан ги прогласи резултатите од парламентарните избори одржани во неделата по масовните протести во главниот град Бишкек и другите градови за неважечки.

„Резултатите од парламентарните избори одржани на 4 октомври 2020 година денеска се прогласени за неважечки“, објави Комисијата.

Опозициските приврзаници ги окупираа зградите на Владата и Парламентот претходната вечер и побараа нови избори, обвинувајќи ги властите за проневера и купување гласови по победата на две партии блиски до властите.

Едно лице загина, а неколку стотици беа повредени во судирите меѓу демонстрантите и полицијата. паг/

Остани поврзан