• недела, 22 декември 2024

Туркаљ за МИА: Политичката елита во Северна Македонија да одлучи - дали забрзано да влезе во ЕУ или повторно да преговара за нова рамка

Туркаљ за МИА: Политичката елита во Северна Македонија да одлучи - дали забрзано да влезе во ЕУ или повторно да преговара за нова рамка

Скопје, 30 март 2024 (МИА) - Хрватскиот правен експерт за Западен Балкан и поранешен главен преговарач за Хрватска за Поглавјата 23 и 24, Кристиан Туркаљ, во интервју за МИА вели дека ако повторно се преговара за нова Преговарачка рамка, тоа значи губење уште многу години за државава и враќање на евроинтегративниот процес од почеток.

На прашање на МИА дали во ЕУ се можни ситуации за промена на Преговарачка рамка, како што тоа го бара опозицијата и дополнително на тоа уставните измени да имаат одложено дејство, односно кога ќе ги затвориме поглавјата, Туркаљ вели дека се зависи од тоа што сака политичката елита - дали Северна Македонија забрзано да влезе во ЕУ или повторно да преговара за нова рамка.

-Значи, тоа зависи од тоа што сака Македонија, дали вашата политичка елита сака Македонија забрзано да влезе во Европската Унија или сака повторно да преговара за нова преговарачка рамка, што значи да го враќа процесот на почеток, нагласи Туркаљ.

Според него, теоретски се е можно, секако, вели, кога се преговара секогаш треба да се води сметка дека се преговара со 27 држави-членки.

-Свесни сте колку беше тешко да се постигне договор за отворање на преговорите за Македонија. Веројатно сте свесни и колку труд вложи нашиот премиер за да ги убеди колегите од Европската Унија дека треба да се започнат преговори со Македонија. Да се отвора таа приказна уште еднаш, значи да се вратат работите на почеток. Ова може да значи губење уште многу години за Македонија, дециден е хрватскиот експерт.

Со Туркаљ разговаравме и за механизмите за борба против корупцијата во Хрватска, начинот на постигнување политички консензус, придобивките од еднодецениското членство на Хрватска во Унијата...

Целото интервју, заедно со видео-материјалот ќе биде објавено утре. нд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан