Се очекува одлука кои видови зеленчук и овошје ќе бидат со замрзнати цени
- Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека тоа најверојатно ќе се знае до утре, а анализите се во тек.
Скопје, 1 април 2023 (МИА) - Кои видови овошје и зеленчук ќе бидат со замрзнати цени, Владата треба да соопшти овие денови.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека тоа најверојатно ќе се знае до утре, а анализите се во тек.
Министерството за земјоделство ги доставило влезните параметри за овошјето и зеленчукот до Министерството за економија, а ќе се земат предвид и податоците од Царинската управа.
-Ќе ги имаме сите податоци и во петок или во недела ќе ја информираме јавноста на кои овошја и зеленчуци ќе се замрзнат цените, истакна Бектеши во средата, на 29 март.
Од денеска треба да почне примената на владината одлука за замрзнување на цените на дел од хигиенските производи кои воедно и поевтинуваат за 13 проценти. Претходно, со одлука на Владата, беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно за 10 проценти, како и цените на јајцата и оризот кои останаа на нивото од 15-ти овој месец, додека цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама е замрзната на 33 денари.
Според министерот Бектеши, замрзнувањето на цените е мерка која дава резултат и можно е да се пролонгира кај одредени производи и по утврдениот краен рок, доколку се процени дека за тоа има потреба. Исто така, најави дека не се исклучени и други вакви интервенции.
Министерот е дециден дека нема да дојде до нагло поскапување на производите кога ќе престанат да важат владините одлуки за замрзнување на цените. мч/са/