• сабота, 23 ноември 2024

Маја Бабиќ за МИА: Внимателно се подготвува „Глумците пеат“, горди сме што Марин започна приказна која сега ја добива втората шанса

Маја Бабиќ за МИА: Внимателно се подготвува „Глумците пеат“, горди сме што Марин започна приказна која сега ја добива втората шанса

Скопје, 25 март 2023 (МИА) – Секоја точка од „Глумците пеат“ внимателно се подготвува. На сцена ќе ги имаме ветераните, оние кои настапувале на повеќе претходни изданија, но и актери кои во тоа време ги правеле своите почетоци, а сега се етаблирани имиња. Имаме и млади актери кои не настапувале тогаш, открива за МИА, Маја Бабиќ, ќерката на Марин Бабиќ, кој беше идеен творец на оваа манифестација.

Маја најавува одлично шоу, неверојатно позитивна енергија, многу музика и добра забава.

„Глумците пеат“ почна да се прикажува во 1992 година, а последните изданија беа во 2005 година. По 17 години пауза, манифестацијата повторно се враќа на 20 април годинава во Националната опера и балет (НОБ). Веќе следната година се враќа на стариот термин, на 27 Март - Денот на театарот.

Годинава, концептот, како што вели Маја Бабиќ, е да го вратат шоуто, да го „оживеат“, а веќе имаат големи планови за следните изданија.

-Не е воопшто лесно да се врати нешто што некогаш било една од најдобрите и најпопуларни продукции во државава. И покрај фактот дека „Глумците пеат“ не се одржуваа изминативе 17 години, восхитени сме од реакциите на публиката, на медиумите, а најмногу од реакциите на актерите, кои буквално со истиот ентузијазам и енергија повторно влегоа во проектот. Го имаме Дејан Пројковски како режисер и тоа ни дава целосна верба дека го враќаме шоуто на голема врата, појаснува Бабиќ за МИА.

Враќањето на оваа манифестација најпрвин почнала со емотивна одлука со нејзината сестра, во чест на нивниот татко, Марин Бабиќ.

-Враќањето на „Глумците пеат“ започна со емотивна одлука, моја и на сестра ми, бидејќи некако си зацртавме дека во негова чест, „Глумците пеат“ мора да се вратат. Свесни бевме дека времето за подготовки е кратко, но за среќа имаме одлични, талентирани актери, кои даваат се од себе на 20 април да имаме одлична вечер, вели таа.

Маја Бабиќ

Маја Бабиќ не сакаше да ги открива имињата на актерите, но потенцира дека публиката ќе добие шоу со неверојатно позитивна енергија од сцена, многу музика и добра забава.

-Во оваа фаза не би сакала да откриваме ништо повеќе, впрочем и порано беше пракса да не се објавуваат имињата на актерите, од едноставна причина – таа вечер сите се исти, сите се ѕвезди и сите заслужуваат еднакво внимание. Секоја точка внимателно се подготвува, се вложува целиот креативен потенцијал на секој учесник, појаснува Бабиќ.

„Глумците пеат“ првпат се прави без нејзиниот татко, кој беше мозокот и изворот на идеи за оваа манифестација. Но, како што вели, заедно со сестра и работеле претходно на овој проект, и не и е непознат процесот на работа.

-За среќа и двете порано работевме на овој проект, па не ни е непознат процесот на работа. Но, секако овој пат имаме измешани чувства. Првпат го правиме без нашиот татко, кој беше мозокот и изворот на идеи. На моменти застанувам, се прашувам како тој би одлучил, како би реагирал во одредена ситуација, дали изборот на актерите и песните би му се допаднал.  И тогаш сфаќам дека сепак ние сме тие што мора да пресечеме, додава таа.

Дури сега, како што вели, ја согледува важноста на она што го правел Марин Бабиќ и на енергијата што ја вложувал.

- Верувам дека сепак крајниот резултат би му се допаднал. Дури сега ја согледувам важноста на она што го правел и колку енергија вложувал во се ова. Ние како ќерки сме горди што Mарин имал визија, што размислувал надвор од кутијата и што се охрабрил пред 30 години да започне една приказна која денес ја добива својата втора шанса, вели за МИА, Маја Бабиќ.

Бисера Трајковска

фото: Приватна архива/ Фејсбук страница на „Глумците пеат“

Остани поврзан