Неказнивоста раѓа ново кривично дело, а застарувањата на дела влијаат негативно врз правната сигурност на граѓаните, порача Спасовски во интервју за МИА
- Неказнивоста раѓа ново кривично дело, а застарувањата на дела влијаат негативно врз правната сигурност на граѓаните, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за МИА коментирајќи ги делот од одредбите на новиот КЗ кој овозможи застарување на предмети на поранешното СЈО меѓу кои имаше и за нелегалното прислушување.
Скопје, 28 октомври 2023 (МИА) - Неказнивоста раѓа ново кривично дело, а застарувањата на дела влијаат негативно врз правната сигурност на граѓаните, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за МИА коментирајќи ги делот од одредбите на новиот КЗ кој овозможи застарување на предмети на поранешното СЈО меѓу кои имаше и за нелегалното прислушување.
- Сето она што допринесува за застарување на дела, прво влијае негативно на правната сигурност кај граѓаните и второ влијае негативно, односно создава револт и кај мене во однос на тоа да не се одговара за нешто што е направено, а било сериозен проблем во македонското општество, нагласи Спасовски кој беше дел од Шарената револуција која се бореше против аболицијата за оние кои прислушкуваа.
Тој како учесник и во настаните во Собранието на 27-ми април истакна дека и како пратеник и сега укажува на тоа дека неказнивоста раѓа ново кривично дело или ново злосторство.
-И тоа ќе го поткрепам со факти. За жал, сум учесник еве може да кажам во сите тие немили настани. Се сеќавате прво на 2012 година на 24 декември кога беа исфрлени од Собранието пратениците и новинарите. И тоа не беа исфрлени од некој друг, туку исфрлени од припадници на МВР коишто дојдоа по наредба. Меѓутоа за тоа не се отвори ниту постапка како се случило, дури дополнително имам, ги видов сите акти дека тие луѓе коишто дојдоа да ги исфрлат пратениците и новинарите биле наградени после тоа од страна на раководството на МВР, истакна Спасовски.
Министерот потенцираше дека е важно што неказнивоста не отворањето на постапката изроди настани на 27 април во којшто, како што рече, се организираше група, не да ја нападне демократија, туку да го сруши уставниот поредок и преку таа организација да бидат убиени дел од пратениците, новинарите и сите тие коишто беа внатре.
-Затоа за ова се отвори постапка, се водеше судска постапка итн. Имаме тука лица коишто издржуваат казна затвор. Меѓутоа зборуваме и за други состојби на криминал, не само за ваков. Јас сметам дека сето она што допринесе за застарување на дела прво влијае негативно на правната сигурност кај граѓаните, и второ влијае негативно, создава револт и кај мене во однос на тоа да не се одговара за нешто што е направено, а било еден сериозен проблем во македонското општество, нагласи Спасовски.
Во делот на измените на Законот во смисла на ефикасност на постапката и зголемена можност за конфискација, министерот рече дека тоа е една работа, но друго е што се овозможило тие дела да бидат застарени. Тој рече дека не гледа цел зошто тоа е направено и дека очекува во подготовката на новиот кривичен законик, на кој веќе работат експертите, да биде усогласен целосно со директивите на ЕУ и да ги оправда очекувањата на граѓаните.
Оперативно техничката агенција ОТА која беше формирана токму поради масовното прислушкување и е една од клучните институции во безбедносниот и ланецот на борба против криминалот повеќе од еден месец нема директор. Министерот Спасовски во интервјуто за МИА стакна дека има информации дека огласот за директор на ОТА е завршен и дека има кандидати кои поднеле документи и дека собраниските комисии ќе направат анализа кој исполнува услови, а кој не.
Директорот на ОТА, која институција треба да го оневозможи незаконско прислушување на телефонски разгвори, според законот се бира со двотретинско мнозинство во Собранието. Според Спасовски во заблуда е секој оној доколку има некаков интерес да не се избере директор на оваа институција.
-Заради тоа што таа институција, Oперативна техничка агенција, е направена за да се спречи можноста од злоупотреба на системот на следењето на комуникациите, поучен од тоа што се случуваше во изминатиот период. И токму заради таа независна улога која што е дадена на оваа институција е предвидено во Законот да се избере директор со двотретинско мнозинство во Собранието, којшто има еден мандат. Не може да се избере истиот човек за втор мандат, појасни министерот Спасовски.
Порача дека очекува преку дебата, отворена на политичко ниво, многу брзо да се дојде до решение и да се избере директор на ОТА. бк/ац/