• понеделник, 23 декември 2024

Руте: Случувањата во Украина имаат влијание на глобално ниво 

Руте: Случувањата во Украина имаат влијание на глобално ниво 

Брисел, 13 ноември 2024 (МИА) – Евроатланскиот и Индо-пацифичкиот регион не се премногу одвоени кога станува збор за заканите и она што се случува во Украина сега има влијание на глобално ниво, изјави денеска во Брисел генералниот секретар на НАТО, Марк Руте по билатералната средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен. 

- Севернокорејците војници претставуваат дополнителна закана за Украина и ќе го зголемат потенцијалот на (рускиот претседател Владимир) Путин за нанесување штета, истакна Руте. 

Тој оцени дека активностите на севернокорејските војници во Украина имаат своја цена, за која Русија плаќа со испорака на технологија, вклучително и ракетна технологија, за Северна Кореја, што претставува закана не само за европската страна на НАТО, туку и за американската територија, за Јужна Кореја и Јапонија. 

Руте додаде и дека руската агресија ја помагаат и Кина, која ги заобиколува меѓународните санкции и со испорака на стоки за Русија ги потпомага нејзините воени напори, како и Иран со неговата испорака на дронови и друга технологија, за што Москва му плаќа на Техеран и со тоа му помага да продолжи со неговите напори за дестабилизирање на Блискиот Исток. 

- Затоа мораме да го засилиме одбранбеното производство од страната на САД и овде во Европа, мораме да направиме повеќе во однос на потрошувачката и мораме да направиме повеќе за да обезбедиме дека Украина ќе надвладее, истакна Руте. 

Според него, во изминативе четири години САД му помогнале на НАТО да направи повеќе за зголемување на одбранбените трошоци на европските сојузници и Канада, како и за приемот на нови членки. 

- Но, можеби она што е најважно, благодарение на американското лидерство, Украина успеа на надвладее, а Русија не успеа да победи. Очигледно е дека мора да направиме повеќе за да обезбедиме Украина да може да продолжи со борбата и да е во состојба да возврати колку што е можно повеќе и да го спречи Путин да постигне успех, додаде Руте. 

Блинкен, од своја страна, истакна дека американскиот претседател Џо Бајден во преостанатиот период од неговиот мандат има намера да продолжи да го прави она што го правеше изминативе четири години за зајакнување на НАТО, што, според него, е клучно за безбедноста на САД и на европските земји. 

- Ќе го правиме тоа и ќе продолжиме да го поддржуваме сето она што се прави за Украина, за да обезбедиме дека таа може ефикасно да се одбрани од руската агресија, истакна Блинкен. 

Тој додаде дека на средбата со Руте имале продуктивна дискусија за постојана поддршка на НАТО за Украина во услови на тековната руска агресија, за што, како што посочи, ќе се разговара и на денешното заседание на Северноатлантскиот совет, како и на останатите средби што ќе ги има во текот на денот. 

Според Блинкен, присуството на севернокорејските војници на бојното поле во Украина бара цврст одговор, за што е потребно НАТО дополнително да ја зајакне својата соработка со партнерите од Индо-пацифичкиот регион, но и членките на Алијансата да продолжат да ја зајакнуваат својата одбранбена индустрија и нивните трошоци за одбраната да бидат насочени кон засилување на потребните капацитети.  

- Сега 23 сојузници од НАТО се над границата од два отсто од БДП за трошоци за одбрана, што е добри, но сакаме да се погрижиме тие трошоци да бидат фокусирани таму каде што е потребно, додаде Блинкен. сп/ 

Фото: НАТО 

Остани поврзан