Руско МО: Со „Искендер“ го гаѓавме украинскиот команден штаб во Суми
- Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека вчера биле извршени ракетни напади со балистичкиот систем „Искандер“ на локацијата на состанокот на командниот штаб на вооружените сили на Украина во градот Суми.

Москва, 14 април 2025 (МИА) - Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека вчера биле извршени ракетни напади со балистичкиот систем „Искандер“ на локацијата на состанокот на командниот штаб на вооружените сили на Украина во градот Суми.
„Вчера, во градот Суми, вооружените сили на Руската Федерација, во услови на активно спротивставување на вооружените сили на Украина, со системи за електронско војување и противвоздушна одбрана од странско производство, извршија напад со два оперативно-тактички ракети 'Искандер-М' на локацијата каде што се одржа состанокот на командниот штаб на оперативно-тактичката група 'Северна', се вели во соопштението.
Руското Министерство наведува дека Киев продолжува да го користи своето население како жив штит, одржувајќи настани со учество на воен персонал во центарот на густо населениот град.
Во соопштението се додава дека како одговор на нападите на украинските вооружени сили врз цивилни објекти, „руските трупи редовно напаѓаат на локации на персонал, опрема и платеници, како и на украинска инфраструктура, објекти од одбранбената индустрија, воена команда и комуникации“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повеќе пати нагласи дека руската армија не напаѓа станбени згради и социјални институции.
Како што соопшти претходно денеска украинската регионална воена управа во градот Суми, бројот на убиени Украинци во вчерашниот руски напад врз градот се искачи на 34, а меѓу жртвите има и две деца. Во соопштението се додава дека и бројот на ранети е зголемен на 120, од кои 15 деца, а од нив 11 лица, меѓу кои три деца, се во тешка состојба.
Руските сили извршија напад врз центарот на Суми во неделата користејќи две балистички ракети, напад што го осудија западните претставници, вклучително и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претставник Кит Келог. паг/
Фото: МИА архива