• понеделник, 23 декември 2024

Русковска останува суспендирана, Советот на ЈО едногласно го потврди решението на Јовески

Русковска останува суспендирана, Советот на ЈО едногласно го потврди решението на Јовески
Скопје, 25 август 2022 (МИА) – Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија го потврди решението на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески од 16 август годинава, со кое шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска се оддалечува од функцијата додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од поранешниот директор на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата. Седницата, за време на дискусијата по жалбата на Русковска, беше затворена за јавноста, а претседателот на Советот на ЈО Антонио Јолевски, образложувајќи ја одлуката пред новинарите рече дека врз основа на фактите и околностите, Советот одлучил дека додека се води кривичната постапка за постапувањето при претресот и по предметот, Русковска би требало да биде оддалечена од работа со цел да не влијае со своето присуство врз текот на постапката по предметот. Јолевски, исто така, изрази очекување постапката во ОЈО Скопје да заврши брзо и дека ова оддалечување нема да трае долго време. Советот на јавни обвинители на вчерашната 63-та седница, едногласно одлучи жалбата за суспензијата на обвинителката Русковска да се отфрли како неоснована. Советот одлучуваше со осум од 11 члена, бидејќи двајца се пензионирани и се уште нема избрано нови, а обвинителот Љубомир Јовески не присуствуваше поради конфликт на интереси. Причина за овие „непријатни состојби“, според Јолевски, е не соработката меѓу двајцата обвинители – Русковска и Љубомир Јовески. Јавниот обвинител на РСМ – Љубомир Јовски, според тоа што е доставено до Советот на ЈО, Јолевски рече дека не добил информација во врска со претресот, ниту за доказите, иако согласно задолжителното упатство, сите Основни јавни обвинителства се должни да го информираат јавниот обвинител со цел координација во работењето, што овде не било случај. Обвинителката Вилма Русковска, минатата недела поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата, како што појасни Русковска, таа ги побива наводите во решението и „ова го смета за суспензија на правото и суспендирање на правдата“. Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, на 16 август, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против него. Јовески поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. – Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, соопштија од Јавното обвинителство. Надлежна за дисциплинската постапка е дисциплинската Комисија во ОЈО. аа/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан