• вторник, 05 ноември 2024

Руски десантни бродови во логистичкиот центар во Сирија

Руски десантни бродови во логистичкиот центар во Сирија
Москва, 4 февруари 2022 (МИА) - Шест големи десантни бродови на руската северна и балтичка флота пристигнаа во логистичкиот центар на руската морнарица во Тартус, во Сирија. Според Министерството за одбрана на Русија, бродовите пристигнале во Тартус во рамките на вежбата на Руската воена морнарица, а во Тартус вршат дополнување на гориво, вода и храна, пренесува РИА Новости. Станува збор за бродови наменети за истовар на јуришни сили на брегот и пренесување товар. Тие се оспособени за транспорт на различни видови оклопни возила. Во согласност со планот за обука на Вооружените сили на Руската Федерација за 2022 година, во периодот јануари-февруари се одржуваат серија поморски вежби во сите области на одговорност на флотата, под команда на командантот на руската морнарица, адмирал Николај Евменов. Главниот фокус е вежбање на акциите на морнарицата и воздухопловните сили во заштитата на националните интереси на Русија во океаните, како и спротивставување на воените закани за Русија од морињата и океаните.
Посебни вежби ќе се одржат во водите на Средоземното Море, Северното и Охотското Море, во североисточниот дел на Атлантскиот Океан и во Тихиот Океан. Вкупно, на вежбите ќе учествуваат повеќе од 140 воени и помошни бродови, повеќе од 60 авиони, 1.000 единици воена опрема и околу 10.000 војници. паг/  

Остани поврзан