Руската Централна банка бара 200 милијарди евра отштета од „Еуроклир“
- Во тужбата покрената пред Суд во Москва, Банката ја бара оваа сума како надомести за своите финансиски загуби предизвикани со блокирањето на нејзините околу 185 милијарди евра депонирани во „Еуроклир“, како и за изгубениот приход од нив во изминативе речиси четири години.
Брисел, 15 декември 2025 (МИА) – Централна банка на Русија покрена тужба против клириншката куќа со седиште во Брисел, „Еуроклир“, барајќи отштета од 18,2 трилиони рубљи или 200 милијарди евра, јавија белгиските медиуми.
Во тужбата покрената пред Суд во Москва, Банката ја бара оваа сума како надомест за своите финансиски загуби предизвикани со блокирањето на нејзините околу 185 милијарди евра депонирани во „Еуроклир“, како и за изгубениот приход од нив во изминативе речиси четири години.
Банката уште во петокот најави дека ќе ја тужи „Еуроклир“ поради „штетни активности што ја спречуваат слободно да располага со сопствените средства и хартии од вредност“. Централната банка на Русија, дополнително оцени и дека сите директните и индиректните обиди на ЕУ за користење на замрзнатите руските средства се „целосно илегални“ и во спротивност со меѓународното право, бидејќи го нарушуваат „суверениот имунитет на државните средства“.
Информациите за покренатата тужба на руската Банка против „Еуроклир“ доаѓаат во пресрет на состанокот на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) посветен на т.н. заем за репарации, што ќе се одржи вечерва.
Состанокот првично беше предвиден за вчера, но беше одложен за денеска на предлог на Данското претседателство со Советот на ЕУ, со цел да се добие дополнително време за да се убеди Белгија да се согласи на планот за користење на замрзнати руски средства за исплата на заем од 210 милијарди евра на Украина за покривање на нејзините финансиски потреби за 2026 и 2027 година.
Но, Белгија повеќе не е единствената членка на ЕУ која се противи на користењето на замрзнатите руски средства. Против планот минатата недела се изјаснија и Италија, Малта и Бугарија, а се очекува на предлогот да се спротивстават и Унгарија и Словачка. Дополнително и новиот чешки премиер Андреј Бабиш за време на викендот изрази резерви кон предлогот за користење на руските средства, изјавувајќи дека Прага не е подготвена да ги обезбеди финансиските гаранции што ги бара Белгија за да го поддржи заемот за репарации.
Теоретски, врз основа на минатонеделната одлука за активирање на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, што овозможува носење одлуки со квалификувано мнозинство, наместо со консензус, останатите земји членки би можеле да го усвојат планот за заемот за репарации и покрај противењето на овие седум држави.
Сепак, се очекува да се направат обиди предлогот да биде усвоен со согласност на сите или барем на најголемиот можен број земји членки. сп/сд/
Фото: МИА Архива