• понеделник, 23 декември 2024

Русија протера молдавски дипломат како одговор на нивното протерување член на руската амбасада

Русија протера молдавски дипломат како одговор на нивното протерување член на руската амбасада

Москва, 6 август 2024 (МИА) - Руските власти денеска соопштија дека протерале службеник на молдавската амбасада како одговор на протерувањето руски дипломат од Молдавија, која се обидува да се приближи до Европската унија.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало молдавскиот вршител на должноста во Москва Александар Четрару за да го извести дека член на амбасадата е прогласен за „персона нон грата“.

Москва „протестира против продолжувањето на непријателските чекори преземени од владата во Кишињев кон Русија“, се вели во соопштението на руската дипломатија.

Ова протерување е одговор на минатонеделното протерување на член на руската амбасада во Молдавија.

Молдавските власти тогаш објавија дека е откриен нов случај на наводна шпионажа во кој се вмешани двајца молдавски функционери, уапсени за „предавство“.

Двајцата функционери, едниот работи во Парламентот, другиот во граничната полиција, се обвинети за предавање чувствителни информации на Русија од 2023 година.

Молдавија тврди дека е жртва на руските обиди за дестабилизација. Дел од нејзината територија е надвор од нејзината контрола и е во рацете на проруските сепаратисти поддржани од Москва. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан