Русија повторно извезува нафта во Северна Кореја
- Обединети нации соопштија дека Русија од декември минатата година продолжи да извезува нафта во Северна Кореја, првпат од 2020 година
Њујорк, 14 јуни 2023 (МИА) – Обединети нации соопштија дека Русија од декември минатата година продолжи да извезува нафта во Северна Кореја, првпат од 2020 година.
Според податоци на ОН, Русија до април годинава извезла 67.300 барели рафинирана нафта во Северна Кореја. Извозот на нафта продолжи по обновата на железничката врска помеѓу Русија и Северна Кореја во ноември минатата година.
Според санкциите на ОН против Северна Кореја поради нејзината нуклеарна и ракетна програма, земјите мора да го информираат Комитетот за санкции на Северна Кореја на Советот за безбедност за месечната продажба на рафинирана нафта.
Северна Кореја се обидува да ги подобри односите со Русија и ја поддржа Москва по инвазијата врз Украина.
САД се загрижени дека Северна Кореја планира да испрати повеќе оружје во Русија, изјави пред два дена портпаролот на Стејт департментот, откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун вети дека ќе ја зајакне стратешката соработка со Москва.
Иако Северна Кореја негира дека и продава оружје на Русија, САД тврдат дека Пјонгјанг во ноември минатата година доставил една пратка, вклучувајќи крстосувачки ракети и проектили на платеничката група Вагнер. ми/
фото: МИА архива