• сабота, 21 декември 2024

Русите денеска нападаа шест области низ Украина, Борел морал да се засолни

Русите денеска нападаа шест области низ Украина, Борел морал да се засолни

Киев, 7 февруари 2024 (МИА) – Најмалку пет цивили загинаа, а речиси 50 се ранети во рускиот напад утринава со крстаречки и балистички ракети и дронови врз шест области ширум Украина, соопштија вечерва локалните власти.

Цел на нападите беа три големи градови, меѓу кои и Киев, каде шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска разговараше за воена помош и финансиска поддршка за Украина.

Борел рече дека денот го почнал во засолниште, кое го опиша како дел од „секојдневната реалност“ на Украина по речиси две години отпор на руската инвазија.

Украинската војска соопшти дека пресретнала 44 од 64 руски дронови и проектили во денешниот напад.

Во првиот напад на Киев за две недели, извршен за време на утринскиот шпиц, четири лица загинаа кога беше погодена станбена зграда од 18 ката, што предизвика пожар на неколку ката, соопштија локалните власти, додавајќи дека 40 лица се ранети, меѓу кои и една бремена жена.

Во нападот на Миколаев, град на југот на Украина, едно лице загина, а шест се ранети, додека околу 20 станбени згради и јавна инфраструктура се оштетени, изјави регионалниот гувернер Виталиј Ким.

На Украина итно и е потребна помош од Западот бидејќи се соочува со недостиг од муниција и војници. Долгорочното странско финансирање е доведено во прашање, бидејќи вчера пропадна последниот обид во американскиот Сенат да се постигне договор за помош на Украина.

Набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина денеска соопшти дека бројот на цивилни жртви во војната повторно почнал да расте по минатогодишниот пад.

Мисијата евидентирала дека минатиот месец биле убиени 158 цивили, а 483 биле ранети, што е зголемување за 37 отсто во однос на ноември. Од почетокот на војната, повеќе од 10.000 цивили загинале, а речиси 20.000 се ранети. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан