• петок, 22 ноември 2024

РСБСП: Да придонесеме за поголема безбедност на децата во сообраќајот

РСБСП: Да придонесеме за поголема безбедност на децата во сообраќајот

Скопје, 19 април 2024

Децата се една од најранливите категории учесници во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да се вложат заеднички напори за унапредување на нивната безбедност во сообраќајот. Треба да се има предвид дека тие се рамноправни учесници во сообраќајот на патиштата и да се посвети особено внимание на нивната едукација од областа на сообраќајните правила и прописи. Неопходноста за помош и едукација од возрасните посебно е изразена кај децата од помала возраст. Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата советува: 

·         запознајте ги децата со сообраќајните правила и прописи,

·         разговарајте со децата за нивното однесување во сообраќајот и за правилноста на постапките, укажете им како можат да ги намалат или избегнат ризиците по нивната безбедност во сообраќајот, 

·         укажете им на децата дека коловозот треба да се преминува само на обележан пешачки премин,

·         помалите деца во сообраќајот треба да се движат држејќи за раката возрасен,

·         децата во сообраќајот треба да се сконцентрирани (а не да користат мобилни телефони или слушалки) за да можат навремено и правилно да реагираат,

·         пред да го преминат коловозот децата треба да застанат, да погледнат лево и десно, па дури откако ќе се уверат дека сите возила запреле и дека е безбедно, може да исчекорат за да преминат,

·         укажете им на децата дека не е безбедно да се движат на паркинг за возила или да го преминуваат коловозот помеѓу две паркирани возила затоа што можеби возачите нема да можат да ги забележат, 

·         вклучете ги децата во одлучувањето кога и каде е безбедно да се преминува коловозот,

·         препорачливо е децата да носат светла облека или облека со рефлектирачки делови за да бидат повидливи во сообраќајот,

·         бидете пример за совесно и одговорно однесување во сообраќајот затоа што децата најчесто учат т.е. земаат пример од однесувањето на другите.

Заеднички да придонесеме за поголема безбедност на децата во сообраќајот на патиштата.

 

РСБСП

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан