• понеделник, 23 декември 2024

Ројтерс за средбата во Охрид: Лидерите на Косово и Србија пристигнаа на разговори поддржани од ЕУ за договорот за нормализирање на односите

Ројтерс за средбата во Охрид: Лидерите на Косово и Србија пристигнаа на разговори поддржани од ЕУ за договорот за нормализирање на односите

Лондон, 18 март 2023 (МИА) - Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска пристигнаа во Северна Македонија на нова рунда разговори со претставници на ЕУ за спроведување на договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Агенцијата Ројтерс пишува дека двајцата лидери ќе одржат одделни состаноци со шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, пред трилатералната сесија и прес-конференцијата што се очекува подоцна во текот на денот. 

„Јас сум оптимист“, рече Курти во пресрет на средбите што се одржуваат во Охрид покрај езерото во Северна Македонија. 

„Дојдов овде со добра цел, со добра волја и со доверба дека она што беше претходно договорено...ќе продолжи овде преку разговорите за планот за имплементација и на овој начин да имаме конечен договор за нормализацијата“, додаде Курти. 

Косово и Србија минатиот месец во Брисел се согласија за договор поддржан од Западот за нормализирање на односите, по речиси 10 години дијалог со посредство на ЕУ за време на кој беше постигнат мал напредок. Сепак, сè уште е потребен договор за анекс за спроведување на планот, кој ќе биде во фокусот на саботните разговори, наведува агенцијата. 

„Очите на ЕУ и Западен Балкан денес се вперени во Охрид“, напиша Борел на Твитер. 

Уставот на Србија го смета Косово за интегрален дел од нејзината територија, иако тоа прогласи независност во 2008 година. Белград и Приштина треба да ги поправат билатералните врски за да ја постигнат својата стратешка цел за пристапување во ЕУ. 

„Сакам да предупредам дека можеби нема да имаме конечен договор“, изјави Габриел Ескобар, висок американски дипломат за Западен Балкан, кој исто така присуствува на разговорите во Охрид, за приштинската станица РТВ21. 

„Ќе работиме на финализирање на анексот, но очекувам голем напредок“, додаде тој. паг/

Остани поврзан