• понеделник, 23 декември 2024

Ромите во Северна Македонија имаат потенцијал да ја предводат сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот

Ромите во Северна Македонија имаат потенцијал да ја предводат сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот
Скопје, 7 април 2021 (МИА) - Стратешките определби за Ромите во Република Северна Македонија се и државни цели. Ромите во нашата земја имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствена интеграција и да бидат пример за останатите во регионот. Имаме политичко претставување на Ромите во Владата, во Парламентот, во општините, во институциите и пропорционалната застапеност треба да продолжи да се рефлектира и во останатите ешалони на централната и локалната власт, порача премиерот Зоран Заев, по повод Одбележување на 8 Април Светскиот ден на Ромите и 50 години јубилеј од одржувањето на првиот Ромски конгрес. Одбележуваме, посочи Заев, 31 година од прогласување на 8-ми Април за Светски ден на Ромите и 20 години од впишувањето на Ромите во Уставот на нашата земја. - Низа значајни настани, кои се карактеризираат со храброст, достоинство, доверба и сила во постигнување на целите од стратешките определби за Ромите и светската заедница на народите во која посебно место има за остварувањето на овие цели во Република Северна Македонија, изјави Заев. Зад нас, нагласи Заев, оставаме десет години од декадата на Ромите и неколку години од објавувањето на ЕУ рамката за интеграција на Ромите. - Сите овие напори се трансформираа во одредени резултати со кои на ромската заедница им се подобрија можностите за еднакво учество со останатите заедници. МТСП заедно со советникот за инклузија на Ромите во мојот кабинет ќе продолжат со координирање на новата десетгодишна стратегија за Роми, согласно европската рамка и политики. Новата стратегија за Роми треба да ја отслика реалноста на Ромите во нашата земја, но и да обезбеди конкретни мерки, промена на закони, активности и финансиска рамка. Ние како Влада ќе се заложиме за континуирано зголемување на буџетот за да имаме забрзана интеграција на Ромите во нашата држава, рече Заев. Владата, нагласи тој, продолжува со интегративните и афирмативните мерки во постигнувањето на стратешките определби за Ромите и во тековната 2021 година се планирани околу еден милион евра. Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, порача дека процесот на интеграција на Ромите продолжува и нема да запре. - Направивме национална стратегија за Ромите, со која треба да се осигура социјалната, економска и политичка сфера, особено во заштита од дискриминација и еднаквоста, образованието и здравствените услуги, рече Груби. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, порача Груби, претставува институционален дом за сите заедници и продолжување да работиме во доброто на сите етнички заедници. Пратеничката Љатифа Шиковска, порача дека годинава се одбележуваат 50 години од Првиот конгрес на Ромите во Лондон и тоа само ја потврдува оправданоста на барањата на Ромите за надминување на предизвиците со кои се соочуваат. - Република Северна Македонија може да се пофали со искрените намери за интеграција на Ромите. Тоа го докажува со спомнувањето на Ромите во Уставот, со стратегиите и акционите планови и со одвојувањето на финансиски средства за Ромите, изјави Шиковска. Северна Македонија, нагласи таа, е лидер меѓу земјите вклучени во декадата на Ромите, во областа на образованието и на многу земји им служиме како пример за јак граѓански сектор и добра координација со државните инстуции. Елвис Мемети, советник за инклузија на Ромите во Кабинетот на премиерот, рече дека на ромската заедница и е потребна храброст за да потврди дека припаѓа на група која е подеднакво вредна за етничките мнозинства. -Тоа не е барање за помош, туку е разумно позиционирање за да со визија, интелект, храброст и лојалност ја постигнеме нашата цел во општествата каде што живееме. Треба да приоѓаме не од позиција на слабост, апатија и безнадежност туку од место на достоинство, вредност и сила, рече тој. Мемети рече дека на Денот на Ромите 8 Април, „ние всушност кажуваме дека нашиот политички идентитет ја надминува нашата етничка култура и нашата заедничка историја“. -Гледајќи кон иднината, нашиот политички идентитет мора да се заснова на нашите заеднички инспирации и колективна сила. Ние сакаме да се чувствуваме заштитени од лош третман и да има фер шанса да растеме, и да напредуваме врз основа на нашите напори и заслуги. Колективно ние сакаме да бидеме тие што носат одлуки за нашата култура, идентитет, и сакаме да бидеме почитувани и третирани како еднакви од мнозинското население. Не сакаме ништо помалку и ништо повеќе од другите луѓе и групи, посочи Мемети. Атиџе Селман се осврна на историјатот на Ромите, истакнувајќи дека како една од најважните одлуки е одлуката за прогласување на 8 Април за интернационален ден на Ромите во чест на првиот Светски конгрес. -Во Скопје во 2016 година е одржан 10. Светски ромски конгрес. Во Северна Македонија 8 Април е национален ден на Ромите согласно законот за празници на Република Северна Македонија донесен 2007 година. Овој празник се одбележува неколку години наназад со низа културни манифестации со која Ромите ја промовираат својата волја за заеднички живот во хармонија со сите други етнички заедници, истакна Селман. аа/нд/ https://youtu.be/JtLbQTHh6aQ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан