• петок, 05 декември 2025

Романскиот изборен орган откри неправилности во претседателската кампања на независниот кандидат Никушор Дан

Романскиот изборен орган откри неправилности во претседателската кампања на независниот кандидат Никушор Дан

Букурешт, 25 април 2025 (МИА) - Независниот кандидат за претседател на Романија и актуелен градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, се соочува со потенцијално конфискување на дел од средствата собрани за предизборната кампања, поради откриени неправилности од страна на Постојаниот изборен орган, пренесуваат романските медиуми.

Според извештајот од инспекцијата, до 23 април преку платформата за онлајн плаќања „Stripe“ биле собрани 3,2 милиони леи (околу 640.000 евра), кои не биле пријавени како донации, како што налага законот. Органот исто така укажал дека начинот на собирање не гарантира идентификација на донаторите, јавува Диџи24.

Романското законодавство предвидува парични казни од 10.000 до 50.000 леи (приближно од 2.000 до 10.000 евра) за вакви прекршувања, а непријавените средства се конфискуваат и упатуваат во државниот буџет.

Во извештајот се наведуваат уште две неправилности: користење на службено возило за кампањски активности на 11 април, и нелегално поставување на предизборен транспарент на хотелот „Чишмиџиу“ во центарот на Букурешт.

Од изборниот штаб на Никушор Дан реагираа со соопштение во кое се вели дека до нив не стигнал официјален документ од органот, и дека објавениот материјал во медиумите личи на неофицијален нацрт, базиран на „субјективни и неосновани тврдења“. Тие нагласија дека дел од донациите биле собрани пред официјалниот почеток на кампањата, и средствата од тој период биле искористени за тогашни трошоци.

Никушор Дан лично изјави дека сѐ уште не добил официјално известување и дека не може да одговара на неофицијални обвинувања. Тој посочи дека неговата кампања претрпела и кибер напади, поради кои неколку дена не можеле да ги користат социјалните мрежи, а државните институции не реагирале. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан