РКЕ: Дизелот поскапува, бензинот „супер 95“ поевтин за половина денар
- Максималната малопродажна цена на дизел-горивата од ноќеска на полноќ се зголемува за 2,5 до 3 денари за литар, а цената на бензинот „евросупер БС-95“ се намалува за половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,41 отсто.
Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Максималната малопродажна цена на дизел-горивата од ноќеска на полноќ се зголемува за 2,5 до 3 денари за литар, а цената на бензинот „евросупер БС-95“ се намалува за половина денар - одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,41 отсто.
Максималната малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се зголемува за 2,5 денари и ќе изнесува 98 денари, цената на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 3 денари за литар и ќе биде 95,5 денари. Цената на бензинот „евросупер БС-95“ се намалува за половина денар и ќе изнесува 83,5 денари, а цената на „евросупер БС-98“ не се менува и останува 85,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,901 денар за клограм се зголемува и малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ и ќе изнесува 51,311 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 4,084 отсто или за 42,100 $/тон, кај дизелот за 10,137 отсто или за 134,500 $/тон, кај екстра-лесното масло за 11,369 отсто или за 143,600 $/тон и кај мазутот за речиси 2,002 отсто или за 12,300 $/тон. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период во просек изнесува 53,5287 ден./$ и е за речиси 0,2756 отсто повисок од курсот на доларот (53,3816 ден./$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.
Од РКЕ појаснуваат дека при формирањето на центите предвид е земена одлуката на Владата за повластената стапка на ДДВ од 10 отсто (освен за мазутот) и намалените износи на акцизите за дизелските фракции од 4 денари за литар и од 2 денари за литар за бензинските фракции.
РКЕ им укажува на нафтените компании да продолжат со постојната пракса и да го вкалкулираат обезбедениот попуст од страна на Владата со главниот доставувач „Окта“ и да ги намалат малопродажните цени за 3 денари за литар за дизел и 2 денари за литар за бензините, со што, како што велат, ќе овозможат бенефитот од ова намалување директно да го почувствуваат граѓаните.
Порачуваат дека доколку не се продолжеше времетраењето на намаленото ДДВ и не се интервенира во акцизата, цената на бензините ќе беше повисока за 8,5, а на дизелот за 12 денари за литар во споредба со денешната одлука, односно максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваа 92 денари за литар „евросупер БС-95“, 94 денари за „евросупер БС-98“, 110 денари за „евродизел БС (Д-Е V)“ и 107 денари за литар за екстра-лесното масло за горење (ЕЛ-1). вј/вг/
Фото: МИА архива