• сабота, 23 ноември 2024

Ристовски: Португалија доминираше, но ние си заминуваме со кренати глави

Ристовски: Португалија доминираше, но ние си заминуваме со кренати глави
Порто, 30 март 2022 (МИА) - Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски ги искажа своите впечатоци по синоќешниот дуел со Португалија  во финалето од плејофот за пласман на Светското првенство 2022. - Сакам да и честитам на Португалија. Одигравме отворен натпревар, Португалија доминираше, но ние си заминуваме со кренати глави. Отидовме на патување на кое никој не би поверувал и можеме да бидеме горди на тоа. Го шокиравме фудбалскиот свет, но треба да продолжиме понатаму и да веруваме дека можеме почесто да учествуваме на вакви големи натпревари. Кога играш против толку големи тимови, против играчи како Бруно Фернандеш и Роналдо, немаш простор за грешка. Но, тоа се случи, а Португалија го искористи тоа. Дадовме сé од себе, се обидовме да го израмниме резултатот, но вториот примен гол стави крај на нашите надежи, изјави Ристовски. Средбата во португалски Порто заврши со победа на домаќините со резултат 2:0. Двоен стрелец беше Бруно Фернандеш. зс/

Остани поврзан