• петок, 22 ноември 2024

Реј: ФБИ работи на 2.000 случаи на домашен тероризам

Реј: ФБИ работи на 2.000 случаи на домашен тероризам
Вашингтон, 2 март 2021 (МИА) - Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Кристофер Реј, денеска на распитот пред сенатскиот Одбор за правосудство, изјави дека агенцијата моментално работи на околу 2.000 случаи на домашен тероризам. ФБИ со ова сака да покаже дека сериозно ја сфаќа заканата од напади како оној на 6 јануари, кога поддржувачи на поранешниот претседател Доналд Трамп упаднаа во Конгресот на САД. - Значајно е зголемен бројот на истраги и апсења, истакна Реј пред одборот. Тој додаде дека бројот на вакви случаи се зголемил повеќе од двојно откако станал директор на ФБИ во 2017 година. На сослушување во септември, тој укажа дека бројот на случаи на домашен тероризам бил 1.000, за до крајот на 2020 да се зголеми до 1.400, а по 6 јануари бројката достигна до 2.000 случаи. Директорот на ФБИ се бранеше од критиките на конгресмени како агенцијата реагирала на упадот во Конгресот и дали разменила разузнавачки информации за очекувани немири. Демократскиот сенатор од Илиноис, Ричард Дурбин, претседавеч на одборот праша зошто не бил земен за сериозно извештај од канцеларија на ФБИ во Норфолк, испратен еден ден пред нападот, во кој се предупредува за насилство и се повикуа на закана од „војна“ на Капитолот. На распит минатата недела, Роберт Конти, поранешен началник на полицијата на округот Колумбија, тврдеше дека агенциите го примиле предупредувањето, но укажа дека ФБИ требало да биде поагресивно во повиците за закани. - Сметам дека пред нешто толку насилно како бунт во Капитолот би требало да се случи барем еден телефонски повик или нешто слично, изјави тој. Едно од главните прашања околу кое се одвиваше денешниот распит е тоа какви напори прави ФБИ во сузбивање на насилството од страна на десничарските екстремисти во САД. Републиканските сенатори, пак, прашуваа дали ФБИ реагирало и на агресивните протести придружени со правење материјална штета од страна на организации како „Антифа“ и движењето „Црните животи се важни“. кб/гт/

Остани поврзан