• недела, 22 декември 2024

Репрезентативец на Девствените острови ново засилување на МЗТ Скопје

Репрезентативец на Девствените острови ново засилување на МЗТ Скопје

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Репрезентативецот на Девствените острови, Дион Едвин (31) ќе биде четвртото странско засилување за МЗТ Скопје во новата сезона, откако денеска официјално потпиша договор со клубот од Аеродром.

Станува збор за искусен бек-шутер, кој европската кариера ја почна пред седум години во Финска каде што мина една сезона во тимот на КТП, по што следува успешен четиригодишен период минат во Украина. Таму, во два наврати, настапува на Химик, а по една сезона во Киев баскет и во Прометеј, а во 2022 година си замина со две шампионски титули (2019 и 2021) и едно МВП признание за најкорисен кошаркар во првенството (2019). Едвин во 2022 година извесен период настапува за Работнички, по што се сели во Унгарија, каде што прво игра за Атомерому, а минатата сезона и за ДЕАК, каде што имаше просек од 13,3 поени, 5,3 скока и 5,3 асистенции, соопштија од клубот.

Со ангажманот на Американецот од Девствените острови, МЗТ го комплетира ростерот од 12 кошаркари со кои ќе ја почне сезоната. Покрај него, улогата на странци ќе ја имаат уште Брандон Слај (САД), Марко Баковиќ (Хрватска) и Милош Копривица (БиХ), а ќе играат заедно со Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ.

Првиот настап тимот ќе го има против црногорскиот тим Теодо на 24 септември во „Јане Сандански“ на стартот од АБА2-лигата. дс

Фото: МЗТ Скопје

Остани поврзан