Реконструиран дел од улицата „Браќа Миладинови“ во Тетово
- Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами информира дека е завршена реконструкцијата на дел од улицата „Браќа Миладинови“.
Тетово, 27 февруари 2024 (МИА) – Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами информира дека е завршена реконструкцијата на дел од улицата „Браќа Миладинови“. Извршена е обнова на делницата на улицата од крстосницата со улица „Ѓорче Петров“ до улицата „Мурат Бафтијари“со должина од 370 метри и крак од 90 метри.
- Се работи за целосно асфалтирање на овој дел од патот и бекатонизирање на тротоарите. Овој пат е важен затоа се работи на важна населба каде поминуваат многу голем број од граѓаните, а патот беше целосно руиниран. Во текот на реконструкцијата на овој пат не критикуваа дека не е реализирано согласно стандардите и поради тој факт излеговме денеска на самото место да видиме дали овој пат е реализиран по сите стандарди. Патот е веќе комплетиран и од сега натаму може да биде во служба на сите граѓани, истакна Биљал Касами.
Минатиот понеделник Касами најави дека почнуваат градежните работи за продолжување на булеварот „Благоја Тоска“ од касарната до регионалниот пат Тетово-Јажинце, но се уште не се почнати. Тој најави дека ќе биде готова делницата за три месеци, а во договорот со фирмата објавен во електронскиот систем за јавни набавки е наведено дека рок на изведба е три години.
- Тоа е некоја грешка, не подолго од три месеци, имаме нов надзор кој треба да даде упат во работата и да се проследи. Но дека фирмата има обврска согласно договорот да го реализира тој сегмент од булевар тоа нема сомневање. Дали фирмата има интерес да не се придржува до договорот, јас мислам дека нема интерес. Се работи за организирање на самата фирма но договорот останува и тој период останува, одговори Касами на новинарското прашање.
На новинарско прашање дали се точни новинарските текстови дека само одредени фирми ги добиваат тендерите на Општина Тетово, Касами рече дека не одлучува за тие работи. Според Касами, Општина Тетово иако работи според законите, секојдневно е под контрола на централните институции и при најмала неправилност очекува да биде приведен.
- Јас ги повикувам сите ако некој има информација за злоупотреба ние сме отворени за соработуваме. Јас не сум тој што одлучува која фирма кој тендер може да го добие. Ние сме опозициска општина и кога нема реално сомневање, имаме пример кога секторот за организиран криминал при СВР Тетово ни тропа на врата и кај што нема ингеренции. Во делот на нелегалните градби, таму тие можат да реагираат само по налог на јавен обвинител ако има организиран криминал. Тие тропаат на врата и за работен однос. Во училиштето „Лирија“, каде што е проблем работен однос со вработените, тие одат од организиран кримина, каде што треба да оди трудова инспекција, просветна инспекција. Во ситуациите каде што нема полиција, ни тропа. Им гарантирам на граѓаните дека, да имало и најмало сомневање за Општина Тетово јас денес ќе бев во врзани раце во полиција и Обвинителство, истакна Касами.
Улицата „Браќа Миладинови“ е една од најдолгите делници во градот, со речиси два километри. Реконструкции во моментот се одвиваат на други делови од улицата. ас/ир
Фото: МИА