• понеделник, 06 април 2026

Реконструирано лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“

Реконструирано лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“
Скопје, 17 февруари 2022 (МИА) - Заврши реконструкцијата на лизгалиштето во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, која е извршена со помош на грант добиен од Амбасадата на Република Словачка во 2021 година. Од Спортскиот центар „Борис Трајковски“ посочуваат дека со реконструкцијата подобрени се условите за тренирање уметничко лизгање и хокеј, како и за рекреативно лизгање. Велат дека ова е подобрување на условите и за одржување на шестото издание на натпреварот во уметничко лизгање Skopje on ICE 2022, што се одржува утре и задутре во СЦ „Борис Трајковски “. - Во текот на 2021 година на Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија и‘ беше одобрен грант од Амбасадата на Република Словачка во висина од 10.000 евра. Грантот беше одобрен по повикот на Амбасадата за мали предлог-проекти за 2021 година. На Федерацијата и‘ беше одобрен грант за реконструкција на лизгалиштето во рамки на СЦ „Борис Трајковски“ - Скопје. Средствата беа искористени за затворање на јужната/сончева страна на лизгалиштето, со што се намали топењето на мразот и беше делумно реконструиран и подготвен за употреба системот за ладење, потенцираат од СЦ „Борис Трајковски“. - Грантот на Словачката амбасада е голем придонес во подобрувањет на условите за тренирање уметничко лизгање и хокеј, но истовремено и условите за рекреативно лизгање. Со подобрување на квалитетот на мразот, ние како Федерација бележиме зголемен број на членови на нашата школа за лизгање, како и подобрување на перформансите на активните спортисти, изјави претседателката на Лизгачката федерација, Цветанка Макаровска. Директорот на Центарот, Филип Даскаловски посочи дека оваа година со реконструираното лизгалиште и новата машина за мазнење на мразот, се поподготвени да ги пречекаат натпреварувачите и гостите на шестото издание на натпреварот во уметничко лизгање Skopje on ICE 2022, што ќе се одржи утре и задутре во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Амбасадорот на Словачка, Хенрик Макруш се надева дека соработката ќе продолжи и во иднина, бидејќи, како што вели, во Федерацијата на лизгачки спортови препознавме партнер со кој ќе придонесеме за развој на лизгачкиот спорт тука. Шестиот натпревар во уметничко лизгање Skopje on ice ќе се одржи на 18-19 февруари 2022, на кој освен домашни, ќе учествуваат и натпреварувачи од Грција, Бугарија и Србија. фф/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан