• петок, 22 ноември 2024

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, како последица на вирусот починале четири лица

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, како последица на вирусот починале четири лица

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) - Во периодот од 9 до 15 септември во земјава се регистрирани 57 нови случаи на SARS-CoV-2, пријавени се четири починати лица - две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани, се посочува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. 

Од 9 до 15 септември тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.

Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од осум градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=39; 68,4 отсто), a највисока инциденца е регистрирана во Делчево (14,7/100.000).

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години. 

Во текот на минатата недела (09-15.09.2024), пријавени се четири починати лица асоцирани со КОВИД-19, од Скопје (2), Битола и Тетово. Сите починати лица се на возраст над 70 години. Тројца починале во болнички услови, а кај три лица се регистрирани коморбидитети. Сите лица се невакцинирани против КОВИД-19.

Во текот на 2024 година, а заклучно со 15.09.2024, во земјава се регистрирани вкупно 1.560 заболени и 20 починати лица асоцирани со КОВИД-19. Од појавата на првиот случај на КОВИД-19 на 26 февруари 2020 година пријавени се вкупно 351.876 заболени со КОВИД-19 и 9.999 починати лица асоцирани со КОВИД-19. ев/ац/

ФОТО: МИА Архива

Остани поврзан