• понеделник, 23 декември 2024

Регионален форум „Локалните институции и спречувањето на насилниот екстремизам (СНЕ) и ресоцијализацијата, рехабилитацијата и реинтеграцијата“

Регионален форум  „Локалните институции и спречувањето на насилниот екстремизам (СНЕ) и ресоцијализацијата, рехабилитацијата и реинтеграцијата“

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - Во Скопје денеска и утре ќе биде одржан регионалниот форум „Локалните институции и спречувањето на насилниот екстремизам (СНЕ) и ресоцијализацијата, рехабилитацијата и реинтеграцијата (РРР): регионални пракси, воспоставени одговорности и процедури“, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Како што информриаат од МЦМС, претставници на институциите и на граѓанските организации од земјава, Косово и Албанија ќе зборуваат за поставеноста и структурата на телата за СНЕ и РРР кои функционираат на локално ниво во Албанија, Северна Македонија и Косово како и за предизвиците, добрите пракси и постигнатите резултати. Покрај тоа, говорниците и учесниците ќе дискутираат за улогата на граѓанските организации (ГО) во РРР на локално ниво и нивната поддршка на институциите, особено во подготовката и обезбедувањето водичи, прирачници и други материјали за секојдневната теренска работа на практичарите.

-Со оглед на тоа дека процесот на РРР на повратниците од странските боишта и нивните семејства се води главно во заедниците каде што живеат, функционирањето на институциите на локално ниво е од големо значење. Националниот и локалниот контекст е сличен, сепак, секоја земја има свои особености од чие функционирање може да се учи и да се подобрат ефектите, се посочува во најавата.

За поставеноста и структурата на телата за СНЕ и РРР и досегашните искуства во работата со повратниците од странските боишта и нивните семејства ќе зборуваат: Златко Апостолоски, национален координатор за СНЕ и БТ, РСМ, Жаклина Просароска од Министерството за внатрешни работи, Биро за јавна безбедност, Менсур Хоти, директор на Одделението за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи во Косово, Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир, Мехмет Балажи, градоначалник на општина Хани и Елези, Косово, Лорена Чела, од општина Тирана, Албанија, Вилма Венковска Милчев, Центар за заедничка основа, Скопје, Ирена Митревска, психолог, Центар за социјална работа, Скопје, Дестемона Чело, психолог, Албанија, Анила Брегу, Државна агенција за заштита на правата на децата, Албанија, Армела Џахо, Институтот за демократија и медијација (IDM), Тирана, Албанија, Афродита Муслиу, Нексус – граѓански концепт, Скопје, Фортесе Франгу, Ресурсен центар за застапување и обука (ATRC), Косово и Синди Шаху, Линија за советување за жени и девојки (LCWG), Албанија.

Регионалниот форум е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува МЦМС во партнерство со Нексус – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“ и Здружението за граѓански активизам и охрабрување на општествената одговорност „Хоризон Цивитас“. фф/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан