• четврток, 21 ноември 2024

Регионален кризен штаб против пожари: Јавните претпријатија да бидат активни и да обезбедат потребни средства за гаснење на пожари

Регионален кризен штаб против пожари: Јавните претпријатија да бидат активни и да обезбедат потребни средства за гаснење на пожари

Кавадарци, 18 јули 2024 (МИА) - Јавните претпријатија да бидат активни и да обезбедат потребни средства за гаснење на пожари, е само еден од заклучоците од вечерашниов состанок на регионалниот Кризен штаб против пожари со седиште во Кавадарци. Со него координира кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Како што информираше тој, на  состанокот присуствувале градоначалниците на општините Кавадарци, Росоман, Неготино, Радовиш, Штип, Велес, Прилеп и Чашка, командирите на ТППЕ од овие општини како и директорот на ЈП Комуналец Кавадарци. 

- По најавените врнежи е неутрализиран пожарот кај местото Калањево, а останатите пожари кај Серта, од неготинска и штипска страна како и Радовиш, Росоман, Градско, Клошевица, Мрзен, Подлес, Велес, Чашка, се уште се активни. Потребна e поддршка за активност од копно. За Велес и Чашка 30 луѓе од АРМ, а за Штип, планината Серта, 20 луѓе, за Радовиш 15 луѓе,  Неготино, Серта, 20 луѓе и исто толку за Градско, сите од АРМ. За Росоман, 30 луѓе од ЕБР, е еден од заклучоците. 

Како што објави Јанчев на Фејсбук, воздушна поддршка за утрешниот ден треба за Штип (Неготино), Велес (Чашка), Градско (Росоман) и Неготино (Штип).

Тој напиша дека Општина Радовиш ќе обезбеди професионален дрон за општините Неготино и Штип, а Општина Кавадарци ќе вклучи десет пожарникари во Росоман и 10 пожарникари во Градско.

Во меѓувреме, доброволци што изминативе девет дена активно беа вклучени во пожарот во неготинско, заедно со ловци од ловечкото друштво Неготино, вечерва прославуваат за дождот и изгаснатиот пожар. 

- Ние бевме активни чинители во справувањето со пожарот, покрај останатите копнени и воздушни сили што макотрпно се бореа против пламените јазици. Секретарот на ловното друштво Кристијан Марков  многу ни помогна со координати, бидејќи го знае теренот. Спасена е планината Серта, спасени се викенд населбите Калањево, Липа, Бела Вода. Спасени се убавините на овој крај. Останува сега да се следат состојбите на терен и да не се дозволи пожарот повторно да се активира. Ова треба да биде поука за сите, да бидат повнимателни во иднина, со цел превентивно да се влијае против пожари, рече за МИА, Васе Јованов - Ладна, претседател на месната заедница на селото Тремник. 

Тој нагласи дека сега ќе размислуваат за тоа кога и како да се пошуми овој дел и да и се врати на природата, тоа што и беше неправедно одземено. свд/бт/

Фото: Фејсбук на градоначалникот Митко Јанчев 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан