• понеделник, 23 декември 2024

Реакции по отворањето на Музеј на христијанското и исламското културно наследство во Битола

Реакции по отворањето на Музеј на христијанското и исламското културно наследство во Битола

Битола, 22 ноември 2024 (МИА) - Националната установа Завод и Музеј, синоќа во Битола отвори Музеј на христијанското и исламското културно наследство, прв ваков објект во државата, на кој на иста локација се наоѓаат Јени џамија, а под неа откриените темели на црквата „Св. Ѓорѓи“.

Овој споменик говори што значи да се биде едно, бидејќи на едно место почиваат темелите на една света црква и на една света џамија и тука не постои поделба, истакна Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

-Јени џамија и црквата „Св. Ѓорги“ од денеска се Музеј на христијанско и исламско културно наследство. Сите ние како луѓе сме верници без оглед на тоа на кој јазик го молиме Бога, без оглед на тоа со кој збор го ословуваме Бог, дали како Алах или како  Господ Исус Христос..всушност сите ние веруваме и како верници треба да бидеме љубов. Под напливот на глобалистичките трендови со кои што некој се обидува да не раздели и да посее семе на омраза, ние треба да застанеме и да кажеме не, ширејќи љубов, посочи Трајковска.

Со овој мега проект, Националната установа Завод и Музеј го одбележува својот јубилеј, 90 години од формирањето, истакна Зоран Николовски, директор на установата.

-Првите археолошки ископување во Јени џамија почнаа во 2003 година под раководство на археологот Томе Јанакиевски, а подоцна и со други стручни лица кои работеа долги години и успеаја целосно да го реставрираат првиот дел од џамијата или тремот. Археолошкиот објект во иднина ќе биде Музеј и целосно отворен за јавноста и посетителите ќе се запознаат со историјатот кој датира од 7 до 11 век, истакна на синоќешната свеченост, директорот Николовски.

Отворањето на Музејот не го прифатија Исламската верска заедница и политичката партија ДУИ, кои со соопштенија до дипломаскиот кор, но и до премиерот Христијан Мицкоски, првиот потпретседател на владата Изет Меџити и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, реагираа за отворањето на културниот објект и новата туристичка понуда на Битола.

-Со длабока загриженост ја примивме веста за отворањето на Јени џамија во Битола како „Музеј на христјанското и исламското културно наследство“. Сметаме дека е неприфатливо за ваков проект да не се консултира Исламската верска заедница, ниту да се бара наша согласност за негова реализација, се посочува во соопштението од ИВЗ упатено до македонската Влада.

Загриженост за одлуката на Владата за активирање на статусот на Јени џамија како Музеј искажа и Демократската унија за интеграција-ДУИ кои сметаат дека овој чин на еднострани одлуки е показател на континуираната институционална етничка и верска деградација што ја карактеризира оваа Влада.

-Категоричино го осудуваме овој неодговорен пристап кој ги продлабочува меѓуверските и меѓуетничките поделби во нашето општество. Во една земја како Северна Македонија каде мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот се едни од темелните вредност на државата, ваквата одлука претставува сериозен удар врз толеранцијата, почитувањето и соживотот што со години внимателно го градевме, се наведува во соопштението на ДУИ.

Музејот на христијанското и исламското културно наследство во Битола денеска е отворен и непречено ги прима љубопитните туристи од државата и странство. мт/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан