• недела, 22 декември 2024

„Реагирај“ - новиот дигитален сојузник на граѓаните во борбата против корупцијата

„Реагирај“ - новиот дигитален сојузник на граѓаните во борбата против корупцијата

Скопје, 19 ноември 2024 

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), заедно со партнерите од програмата „Граѓаните против корупцијата“, ја креираа апликацијата „Реагирај“ која претставува иновативна, дигитална алатка наменета за граѓаните што сакаат да придонесат кон транспарентност и отчетност на јавните институции. 

Апликацијата е насочена кон поддршка на активното граѓанско учество, преку овозможување на лесно и брзо реагирање при непостапување на институциите кога  тоа е потребно, или при случаи што го загрозуваат интегритетот на институциите.

„Целта на „Реагирај“ е да овозможи побрза и поефикасна комуникација помеѓу граѓаните и институциите. Со едноставен клик на копчето „реагирај“, се генерира мејл кој потоа корисникот може да го испрати до институциите одговорни за решавање на проблемот. Вака, граѓаните директно се вклучуваат во активната борба со корупцијата и добиваат можност да делуваат и да реагираат кон носителите на одлуки“, вели Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување во ИДСЦС.

На платформата, граѓаните може да ги најдат сите иницијативи што се креирани и упатени до различни институции. Овие акции покриваат различни области, како образование, здравство, јавни услуги. Секоја акција има различно време на траење и цел, овозможувајќи им на граѓаните да се вклучат во иницијативите што најмногу ги засегаат. Во моментов е активна и реакција за алармантната состојба со јавниот превоз во Скопје  со која граѓаните бараат унапредување на квалитетот и инвестиции во развој на современ, финансиски достапен и одржлив систем за јавен превоз. На апликацијата „Реагирај“ може да се пристапи на следниот ЛИНК.

Програмата „Граѓаните против корупцијата“ се реализира од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - Скопје (ИДСЦС), Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), 360 Степени, Истражувачка репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) и Балканската истражувачка репортерска мрежа Македонија (БИРН). Финансирана е од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД/Северна Македонија.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС)

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото принтскрин Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС)
 
 

Остани поврзан