• понеделник, 23 декември 2024

Расчистени и маркирани повеќе планинарски патеки во Дисанијата

Расчистени и маркирани повеќе планинарски патеки во Дисанијата
Неготино, 2 ноември 2022 (МИА) - Расчистени се и маркирани повеќе планинарски патеки во Дисанијата, неготинско, област позната по квалитетно грозје и производи од грозје. Како што информираше денеска за МИА, Ахмет Муратов, долгогодишен планинар, патеките се наменети за планинари, рекреативци и љубители на природата.
- Расчистувањето и маркирањето на планинарските патеки го извршивме ние членовите на планинарското друштво „Фри хајкерс“. Сите тие почнуваат, завршуваат или поминуваат покрај новоотворениот планинарски дом „Дедо Ило Јанчев“. Една од нив е таканаречената „Патека на виното“ и таа почнува од Долни Дисан, се оди по венецот горе и низ Горни Дисан. Друга оди до „Студена вода“, трета води до познатото место „Градот“. Една од патеките минува низ месноста „Орле“, причуена по квалитетно грозје, појасни Муратов, кој е претседател на друштвото.
Тој нагласи дека се обележани патеки во вкупна должина од околу 25 километри. Беше дециден дека уживањето во природата може да се прави со комбинирано движење по неколку патеки, во зависност од желбите и можностите. Додаде дека некои патеки имаат видик кон Солунска глава со Козјак,  Вишешница со врвот Орле, како и на  Кожуф планина на југ, а од другата страна на исток се гледаат Серта и Демиркаписката клисура.
- Дел од стазите се наменети за искусни планари, но има и такви за рекреација и за почетници. Од сите страни сме заобиколени со насади од винова лоза, тука се произведуваат најубавите вина и се разбира тиквешката ракија, што е препознаена секаде, рече Муратов.
Тој потсети дека планинарскиот дом е опремен за престој на сите љубители на планинарењето и престојот во природа. Упати јавна покана до сите заинтересирани, да бидат гости во Дисанијата. свд/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан