• петок, 05 декември 2025

Раст од 2,7 проценти на индустриското производство во септември на годишно ниво

Раст од 2,7 проценти на индустриското производство во септември на годишно ниво

Скопје, 31 октомври 2025 (МИА) - Индустриското производство во септември годинава е зголемено за 2.7 проценти  во однос на септември минатата година, а за 2,3 проценти во периодот јануари – септември 2025-та споредено со истиот период од  2024-та, објави денеска Државниот завод за статистика. 

Во секторот Преработувачка индустрија,  во септември 2025 година, во однос на септември 2024 година, регистриран е раст од 3,1 процент на индустриското производство,  а опаѓање од 2,5 проценти во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација и од 1,7 проценти во Рударство и вадење на камен.

Најголемо влијание врз порастот на индустриското производство во септември 2025 година, во однос на септември 2024 година, имаат одделите: Производство на прехранбени производи со 8.3 проценти,  Производство на електрична опрема со 8.2  проценти и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки со 7.7 проценти. Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат  на зголеменото производство и во одделите: Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи и Производство на мебел. 

Според главните индустриски групи, производството во септември 2025 година, во однос на септември 2024 година, бележи пораст кај Енергија за 1.6 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 6 проценти и Капитални производи за 3 проценти, додека опаѓање бележи кај Трајни производи за широка потрошувачка за 5.6 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0.6 проценти. лв/са/

фото: МИА, принтскрин извештај ДЗС 

Остани поврзан