• сабота, 23 ноември 2024

Распродадени сите проекции на „Кајмак“ на белградски „Фест“, позитивни реакции и во Португалија

Распродадени сите проекции на „Кајмак“ на белградски „Фест“, позитивни реакции и во Португалија

Скопје, 3 март 2023 (МИА) - Сите проекции на филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски на белградски „Фест“ се распродадени во рекорден рок. Вечерва е првата проекција, а ова е засега единствен филм на овој реномиран фестивал за кој се распродадени сите билети.

Сите филмови на Манчевски се прикажани на „Фест“. „Мајки“ е добитник на награда на „Фест“, а белградската публика особено го почитува нашиот најтрофеен режисер. Неговите филмови, прес-конференции и разговори со публиката, секогаш будат огромен интерес. Неодамна новинарката и есеистка Тања Петернек сними документарен филм во два дела за Манчевски, кој само во едно прикажување на РТС го видоа над 400.000 гледачи. Претходно, режисерката Катарина Вражалиќ сними целовечерен документарен филм за опусот на Манчевски, „Портрет на уметникот“, се додава во соопштението.

Во исто време, „Кајмак“ беше прикажан на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, каде проекциите на 28 февруари и вчера беа пречекани со огромен интерес.  Опусот на Манчевски е редовно прикажуван на Фантаспорто, а тој е наградуван на фестивалот дури три пати.

Директорот на „Фантаспорто“, Марио Дормински, го нарече „Кајмак“, „слатко ремек-дело“.

 „Кајмак“ е седми филм на Манчевски, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТВ, а поддржана од „Еуроимаж“. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.

Филмот, црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството, беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио. бд/сп/

Остани поврзан