• понеделник, 23 декември 2024

Расправата за Годишниот извештај за работата на Судскиот совет продолжува утре

Расправата за Годишниот извештај за работата на Судскиот совет продолжува утре
Скопје, 3 мај 2022 (МИА) - Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците попладнево ја продолжи 43-та седница со расправата за Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2021 година. Во дискусијата се вклучија пратениците Панчо Минов од СДСМ, Љупчо Пренџов од ГРОМ, Снежана Калеска - Ванчева од СДСМ, која нагласи дека Извештајот е јасен, со комплетни статитистички податоци и праша дали дава целосна слика. Калеска - Ванчева рече дека во овој Извештај нема анализа на причините за одредени состојби. Информира дека има статистика за ажурноста на судовите, бројот на предмети, стари предмети, но нема вистинска анализа или заклучок од каде се должи тоа. Праша зошто Управниот суд е најнеажурен, зошто четирите апелациски судови се неажурни и што е причината за неажурноста на Врховниот суд. Дали меѓу причините се недостиг на стручен кадар, недостиг на судии или има нешто друго како постапката, природата на предметите... Според неа, треба да се размисли и да види дали во иднина извештаите треба да бидат во една ваква форма. Соња Мираковска, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, за МИА изјави дека дел од забелешките се упатени и кон Собранието. - Сметаме дека треба да има промени и во дел од законските решенија, новини внесуваат новите резултати од Пописот затоа што сите досегашни стратегии се правени врз основа на Пописот од 2002 година за потребите на судовите, за број на судии спрема број на население...изјави Мираковска. Таа посочи дека скоро сите се задоволни од транспарентноста и рече дека тука не треба да се застане. -Пратениците се поставуваат како една од трите власти, никој не се става во одбрана или во напад на Судскиот совет туку она што е потребно да се направи за да имаме подобро владеење на правото и она што е најважно да ја подобриме перцепцијата на граѓаните кон судството, тоа е наша заложба. Тоа е заложба пред се на власта, тоа е причината зошто се боревме, да донесеме правда, рече Мираковска. Додаде дека има уште многу работи кои треба да се променат за да добиеме подобро судство. Таа укажа дека како реален проблем, кој произлезе од промената на Законот за работни односи, е непродолжувањето на работниот век на судиите до 64 години.  Тоа, како што рече, исто така прави на некој начин проблем во перцепцијата и во одлуката која ја носи Судскиот совет за бројот на нови слушатели на Академијата и тоа е расчекор. Според неа, сега по овој закон има потреба од поголема група слушатели. - Една била перцепцијата направена според стариот закон, а сосема друго е она што се случува во моментов по новиот закон кога практично принудно поголем број судии ќе бидат разрешени, зошто место на 67 години ќе заминат на 64 години во пензија, додаде Мираковска. Седницата ќе продолжи утре, во 11 часот, а преостанати се уште седум-осум говорници. Мираковска изјави дека за четврток е предвидена нова седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците со нови извештаи, меѓу кои и од ДКСК. Најави дека следните две недели интензивно ќе се работи во комисијата. мд/лв/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан