• понеделник, 23 декември 2024

Распишан конкурс за „Иницијативата за европски универзитети“ за 2024 година во рамки на Еразмус+ 

Распишан конкурс за „Иницијативата за европски универзитети“ за 2024 година во рамки на Еразмус+ 

Брисел, 4 октомври 2023 (МИА) - Европската комисијата објави Конкурс во рамки на Програмата Еразмус+ за „Иницијативата за европски универзитети“ за 2024 година на кој може да аплицираат асоцијации на високообразовни институции за спроведување на студиски програми преку кои  нивните студенти ќе можат да комбинираат студии на факултети во неколку европски земји. 

Целта на Иницијативата е поврзување на новата генерација на Европејци способни да студираат и работат во различни европски земји, на различни јазици и низ различни сектори и академски дисциплини. Овој петти по ред Конкурс за оваа Иницијатива ќе трае до 6 февруари 2024 година. 

На минатогодишниот Конкурс беа избрани 50 универзитетски асоцијации со над 430 високообразовни институции од 35 земји, меѓу кои беше и Универзитетот „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) од Битола како дел од асоцијацијата „Иновативено одржлива соработка на регионални универзитети“ (ЦОЛОУРС), заедно со универзитети од Полска, Хрватска, Шведска, Естонија, Италија, Германија, Франција и Летонија. 

ЕК има за цел на новиот конкурс да бидат избрани најмалку 60 асоцијации на европски универзитети кои би обединиле над 500 високообразовни институции. 

По повод објавување на Конкурсот, потпретседателот на Европската комисија за европски начин на живот Маргаритис Схинас изјави дека асоцијациите на европските универзитети им овозможуваат на младите генерации да ја почувствуваат Европа како реалност. 

- Тие се од голема важност за развивање на силното чувство за европска припадност и поттикнување на вештини за докажување, како за младите студенти, така и за доживотните ученици, преку надградба и преквалификување. Нивните студенти можат да имаат корист од меѓународно, мултидисциплинарно и граѓански настроено високо образование, во чии рамки со иновативно учење ќе ги стекнат вештините што им се потребни за да одговорат на предизвиците на нашето време и да станат ангажирани граѓани, истакна Схинас. 

Тој потсети и дека студентите опфатени со оваа Иницијатива ќе добијат заедничка европска диплома, призната во Европа, како симбол на развојот на „овие вештини на иднината“. 

Еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова истакна дека оваа Иницијатива е одраз на силната посветеност на ЕУ кон европските универзитети. 

- Конкурсот нуди можности за создавање асоцијации на отворени, зелени и поврзани меѓууниверзитетски кампуси, каде што искуствата за мобилност и соработка се составен дел на секоја програма за високо образование и каде студентите можат да работат надвор од границите на своите земји со професори, истражувачи, компании и иноватори на трансдисциплинарни меѓународни проекти, додаде Иванова. 

Како што посочи ЕК, улогата на асоцијациите на европските универзитети е да ја поддржуваат транснационалната соработка меѓу различните високообразовни институции во Европа на полето на образованието, истражувањето, иновациите и општествените услуги. сп/ссм/

Фото: Европска комисија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан