• четврток, 21 ноември 2024

Раководството на ФФМ на состанок со водечките луѓе на УЕФА

Раководството на ФФМ на состанок со водечките луѓе на УЕФА

 

Кан, 20 септември 2024 (МИА) – Раководството на УЕФА, предводено од првиот човек Александар Чеферин, генералниот секретар Теодор Теодоридис и директорот за национални асоцијации Зоран Лаковиќ одржаа состанок во францускиот град Кан со претседателите и генералните секретари на 55. членки на Европската фудбалска асоцијација.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) беше претставувана од претседателот Муамед Сејдини и генералниот секретар Наталиа Божиновска Илиевска.

На заедничката работилница, како што соопшти денеска ФФМ, се дискутираше за новостите во фудбалот на националните тимови, вклучувајќи го и неодамна одржаното Европско првенство, централизацијата на правата за идните национални натпреварувања и користењето на програмата „Хет-трик“.

Во рамки на работниот дел од состаноците се одржаа две одделни работилници – на првата се разговараше за односите на УЕФА со клучните чинители, а на втората работилница се дискутираше за влијанието на политиката врз европскиот фудбал.

Главните размислувања на темата за влијанието на политиката врз европскиот фудбал недвосмислено беа насочени во насока дека со дозволувањето политиката да има влијание врз фудбалот се ризикува да се создадат поделби таму каде што не би требало да има, претворајќи го фудбалот во политичка алатка.

„Нашиот спорт треба да остане неутрален и фокусиран на вредностите на фер-плеј, тимска работа и меѓусебно почитување, промовирајќи единство наместо поттикнување на политички агенди“, беше заклучено на средбата на раководството на УЕФА со европските национални асоцијации во Кан. ег

ФОТО: ФФМ

Остани поврзан