Ракетата „Њу Глен“ успешно го заврши својот последен тест
- Федералната управа за авијација на САД ѝ даде дозвола на компанијата да ја употреби ракетата, што значи дека таа е подготвена за првиот вистински лет.
Кент, 30 декември 2024 (МИА) - Американската вселенско-технолошка компанија „Блу ориџин“ (Blue Origin) успешно ја заврши последната проба со ракетата „Њу Глен“ (New Glenn) пред првиот лет.
Ракетата беше наполнета со гориво, како и со 20 тони симулациона носивост. Компанијата соопшти дека ова е првпат да управуваат со ракета како интегриран систем и оти тестот претставува исклучително важна пресвртница. Федералната управа за авијација на САД ѝ даде дозвола на компанијата да ја употреби ракетата, што значи дека таа е подготвена за првиот вистински лет.
„Њу Глен“ е огромна ракета за повеќекратна употреба, создадена со насоченост на безбедноста на летови со луѓе. Нејзиниот прв лет, сепак, ќе биде изведен без екипаж.
Тој лет првично требаше да се случи во октомври и да се постават два сателити на американската компанија НАСА, наменети за Марс, но лансирањето беше откажано бидејќи ракетата не беше подготвена. Ракетата New Glenn сега ќе го носи уредот „Блу ринг петфајндер“ (Blue Ring Pathfinder), како дел од платформата „Блу ринг“ (Blue Ring) за вселенските летала на клиентите како американски Пентагон и други корисници од висок профил.
Нов датум за лансирање не е објавен. Се очекуваше тоа да биде 6 јануари 2025. си/мс/
Фото: МИА архива