• недела, 22 декември 2024

Радуловиќ: Со доаѓањето на новата управа се создаде недоверба кај играчите

Радуловиќ: Со доаѓањето на новата управа се создаде недоверба кај играчите
Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) – Досегашниот тренер на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ вечерва преку соопштение даде свое видување за прекинот на соработката со „сините“ од Аеродром. Тој ја обвини новата управа за нарушувањето на довербата и за заминувањето на плејмејкерот Дастин Вер. Соопштението на Радуловиќ го пренесуваме во целост: Со МЗТ Скопје Аеродром како главен тренер сум од март 2021 година при што од тој момент во сите натпреварувања во рамките на македонското првенство, Купот и Суперкупот и на регионалната АБА 2 лига имаме резултат 44 победи и 13 порази, односно освоени Куп и првенство во сезоната 2020/21 и освоен Суперкуп пред почеток на сезоната 2021/22. Вклучувајќи го Купот оваа сезона, со МЗТ Скопје Аеродром стигнавме до 4 финалиња од кои во 3 го кренавме победничкиот пехар. Со сите играчи и стручниот штаб се вложивме максимално, неуморно и создадовме неверојатна тимска хемија заснована на меѓусебна доверба и почит, како меѓу самите играчи така и во односот играч-тренер во кој сепак се почитуваше хиерархиската поставеност. Поради неисплатените обврски кон играчите со доаѓањето на новата управа на почетокот на оваа година, се создаде недоверба кај играчите и тоа резултираше со заминување на Дастин Вер и покрај нашиот добар однос и меѓусебната доверба. Ова претставуваше сериозен удар за круцијалната позиција во тимот (плејмејкер) или „генералот на теренот“, по што бевме ставени во незавидна ситуација да бараме играч на пазарот за неверојатно краток период (2-3 дена) и тоа во делот од сезоната кога квалитетните играчи се врзани со договори, а сето ова непосредно пред вториот балон на АБА 2 лигата и Куп натпреварувањето. И покрај тоа, продолживме со успешни настапи и победи во двете натпреварувања, но отсуството на Вер беше повеќе од очигледно, а тоа дополнително влијаеше и на целата екипа. Но, оваа екипа се борела максимално и секогаш целела кон врвот на остварување на највисок пласман во сите натпреварувања за што говорат и резултатите на табелата, и покрај неверојатно густиот распоред на натпревари кој ни беше наметнат во досегашниот тек на сезоната. А данокот за тоа го плативме со поразот во Купот, меѓу другите објективни фактори. И на крајот, би сакал да им посакам успех на играчите кои лично ги селектирав и во кои имам целосна доверба - тоа се врвни професионалци и одлични момци кои несебично се вложија да ја испишеме успешната спортска приказна на МЗТ Скопје Аеродром во последниве две сезони и со кои преку победите добивавме на резултат а со попатните порази добивавме на карактер, стои во обраќањето на Радуловиќ. МЗТ Скопје во неделата загуби од ТФТ во финалето од националниот кошаркарски куп, додека во првенството се наоѓа на втората позиција, исто како и во регионалната АБА 2 лига. зс/

Остани поврзан