• вторник, 24 декември 2024

Радовишанката Наталија со големо хумано срце за згрижување деца без родители или родителска грижа

Радовишанката Наталија со големо хумано срце за згрижување деца без родители или родителска грижа
Радовиш, 6 ноември 2021 (МИА) - Триесетгодишната Наталија Гура од Радовиш веќе подолго време својата енергија и љубов ја посветува на загрижување деца кои се без родители или родителска грижа, функционирајќи како еднородителско згрижувачко семејство. Во својот дом „Емануел“, што го подигнала токму за згрижување на дечиња, моментално „нејзини деца“ се братче и сестричка, кои се на пет и четиригодишна возраст. - Нашиот ден изгледа како кај секое нормално семејство. Машкото оди на училиште. Секој ден го испраќаме, го земаме, се враќаме дома, пишуваме домашни задачи, ручаме, па потоа кога е убаво времето се надвор и се дружат со другарчиња од маалото, вели Наталија. За желбата да згрижува дечиња вели дека не и се појавила одеднаш, туку е плод на желбата што во неа тлеела многу години. - Се појави во моето срце и верувам дека е тоа нешто што самиот Бог го поставува за луѓето кои навистина сакаат да служат и да помагаат и тој го всадува тоа семе во нас. Решив дека е време да го послушам срцето и тоа што е во мене и да почнам со овој проект. Откако почнав со градењето на куќата едноставно се одеше добро, раскажува Гура. Куќата ја прилагодила на потребите на децата кои ги згрижува и, како што вели, куќата не е типично македонска, туку повеќе личи на некој младински објект или интернат. - Прилагодена е да има повеќе спални соби, да има игрална, каде што се сите играчки и реквизити за децата, има бања која е поделена со прегради и е мултифинкционална, објаснува Наталија додека ни ја покажуваше внатрешноста на „Емануел“. Според неа, најважен е односот меѓу децата и згрижувачот. Кога се помали е полесно, но смета дека децата ја прифатиле како нивна мајка. - На почетокот не ме викаа мамо, туку по име. Меѓутоа, од појавата на короната и кога постојано бевме заедно и не излегувавме никаде, почнаа да ме викат мамо, гордо додава Наталија. За неа предизвикот да биде згрижувако семејство ја натерало да се откаже од желбите и начинот на живот на нејзините врсници. Како што вели таа „животот го посветуваш на семејство кое не е твое, но го правиш да биде твое“ На нашето прашање дека не е мажена и дали згрижувањето деца може да значи на некој начин подготовка за вистинско родителство, Наталија ни одговори со широка насмевка. - Верувам дека искуството ќе значи многу околу воспитувањето на моите деца. Но, не сум работела со бебиња и не знам колку од досега наученото ќе ми помогне тогаш кога ќе имам свое семејство, одговори Наталија. Не знае до кога ќе биде еднородителско згрижувачко семејство, бидејќи децата кои се кај неа и се дадени на неопределено време и се може да смени доколку децата бидат посвоени или пак дојде друго дете кај неа. Затоа, вели, дека нема некоја рамка до кога ќе се занимава со оваа исклучително хумана работа. До пред шест месеци чувала три деца, но едното било среќно посвоено и сега својата прегратка им ја пружа на братчето и сестричката. Згрижувачкиот дом на Наталија Гура пред извесно време го посети и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, која рече дека за тоа колку е успешна приказната за згрижување на деца без родители или без родителска грижа, се уверила тука, бидејќи децата ја добиваат целокупната грижа за нивното здравје, љубов, внимание, воспитување и подготовка за влез во образовниот систем. - Згрижувачкото, еднородителско семејство кое го посетив во Радовиш навистина има импресивни услови за грижа на децата. Љубовта која ја добиваат децата се чита од нивните весели и насмеани лица. Тие се неверојатно прилагодени кон нивната згрижувачка, а условите кои таа им ги обезбедува говорат за нејзината посветеност децата да имаат правилен раст и развој. Ги поттикнуваме и останатите граѓани во нашата земја да се пријават во системот на згрижувачи, со една единствена цел, на што поголем број деца без родители или родителска грижа, да им се обезбеди дом и семејство во облик најблизок до биолошките семејства, рече министерката Шахпаска. Со цел зголемување на бројот на згрижувачи во Скопје и во Битола отворени се Центри за поддршка на згрижувачки семејства. Во Скопје, Центарот функционира при Јавната установа за деца „11 Октомври“ и опфаќа 181 згрижувачко семејство со околу 326 корисници. Вториот Центар, во Битола, е дел од Јавната установа „Дом за доенчиња и мали деца“ каде што стручна поддршка добиваат 113 згрижувачки семејства кои се грижат за 169 корисници. Инаку, во државата во моментов има околу 300 згрижувачки семејства, кои се грижат за 500 деца. Ристо Тасев

Остани поврзан