• недела, 22 декември 2024

Муцунски во Прага се сретна со чешкиот министер за европски прашања Дворжак и претставници на Парламентот

Муцунски во Прага се сретна со чешкиот министер за европски прашања Дворжак и претставници на Парламентот

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Во рамки на работната посета на Прага, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, се сретна со министерот за европски прашања Мартин Дворжак и членови на парламентарните комисии, а во понеделникот се обрати и пред студентите на Универзитетот Њујорк, информираат денеска од Министерството.

На средбата со министерот Дворжак, што се одржала вчера, биле разменети мислења за предизвиците на европскиот пат, при што била нагласена цврстата посветеност на нашата држава кон реформската агенда, со цел отворање нова фаза во европскиот процес и постигнување целосно членство во ЕУ.

-Во рамки на средбата со членовите на Комисијата за надворешна политика и членовите на парламентарната група за соработка со нашето Собрание, Муцунски се осврна на значењето на парламентарната дипломатија и нејзината важна улога во зајакнување на целокупните односи. Беа споделени и заложбите за понатамошно унапредување на парламентарната соработка и интензивирање на дијалогот на сите нивоа, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. 

Во обраќањето пред студентите на Универзитетот Њујорк во Прага, на тема „Евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан,“ министерот Муцунски говорел за важноста од што поскоро членство на земјите од регионот во ЕУ и постигнувањата на Западен Балкан во изминатиот период. Тој потенцирал дека е неопходна предвидливост на процесот на ЕУ проширување, истакнувајќи дека должината и непредвидливоста на овој процес имаат повеќеслојно негативно влијание, вклучително и врз перцепцијата на граѓаните. сст/са/

фото Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан