Работилница на Трескавец: Високо ниво на третман на културното богатство за да не го загубиме
- Немаме соодветен третман и ниво на заштита на импозантното културно богатство со кое располага нашата држава, а е во рангот на светското наследство, заклучија еминентните научници од земјава
Прилеп, 28 мај 2022 (МИА) - Немаме соодветен третман и ниво на заштита на импозантното културно богатство со кое располага нашата држава, а е во рангот на светското наследство, заклучија еминентните научници од земјава на денешната работилница на манастирот Трескавец кај Прилеп, учесници на тридневниот научен собир за состојбите во заштитата на културното богатство и исклучувањето на науката од конзерваторските и реставраторските работи.
Голем пример е тешката состојба во која е црквата „Успение на Пресвета Богородица на Трескавец“ која датира од крајот на 12 и почетокот на 13 век, за чија заштита и спас се бара странска стручна помош. Особено што влагата, оштетувањата и пукнатините ќе ги уништат ѕидното сликарство и објектот.
Како што вели отец Калист секој ден влагата се зголемува, а само Бог, се чини, ја одржува црквата.
-Секое утро кога влегувам во црквата, тоа на што сме сведоци е страшно. Влагата само во текот на денот има амплитуди од 30, 60, па до 90 проценти. Тоа е влажноста на ѕидовите кои се со ремек дела на ѕидното сликарство. И со децении е така. Му благодариме на бога, изгледа тој го штити она што ние не сме го заштитиле. Со оглед на ситуацијата, фреските сѐ уште се во одлична состојба. Кога ќе се реши прашањето со влагата, мислам дека понатаму полесно ќе може да се спроведе заштитата, вели отец Калист.
Сузана Грибовска, архитект-конзерватор, Завод и музеј - Прилеп објаснува дека има повеќе видови опасност, а веќе е побарана странска стручна помош.
-Најзагрозена е црквата од подземните води кои се слеваат внатре. Од црквата се извадени оригиналните подови. Овие сега се привремени. Со министерството за култура ја прогласивме црквата за културно наследство во опасност и презедовме мерки за превентивна заштита. Поставена е дрвена конструкција однадвор и внатре во црквата за да не дојде до дополнително пробивање на атрмосферските води, многу опасни за самата градба и за фрескоживописот. Немаме и доволно стручен кадар. Затоа во последно време побаравме и стручна помош од странство која ќе оди преку Министертсвото за култура и сега сме во чекање одговори.
Едно од најбитните оштетувања се пукнатините на ѕидното сликарство кое е многу старо, изјави Грибовска.
Сашо Цветковски од истражувачкиот центар „Цветан Грозданов“ при МАНУ, вели ако не се врати високото ниво на третман на импозантното културно богатство од пред 30-тина години, ќе го загубиме.
-Потребно е повторно навраќање на оние изворни принципи во третманот на културното наследство. Ако науката е вклучена перманентно, дали е преку комисии во Министерството или во Заводите и музеите, или на ниво на некоја црковна комисија, тогаш резултатите би биле многу подобри во смисла на еден целосен пристап. А конзерваторската е во една институционална и кадрвоска криза. Ние веќе не може да одговориме на најсложените зафати кои треба да ги правиме. Таков е примерот со Трескавец. Трескавец не е само споменик на минатото, туку тој сведочи за нашиот однос кон тие вековни споменици. Никој не може да се амнестира. Сите треба да придонесеме за заштита на ова наше големо културно наследство. како мала земја располагаме со навистина импозантно наследство. Околу 5000 археолошки локалитети, околу 3000 сакрални споменици, имаме приближно 30 000 икони, имаме 1 500 средновековни ракописи, околу 800 книжни икони, над 1000 споменици од Преродбата. Тоа е огромно културно наследство кое ние, за жал, сега не сме во состојба да го заштитиме и соодветно да го третираме, смета Цветковски.
Бранислав Ристески, директор на прилепскиот Институт за старословенска култура апелира на вклучување на науката во конзерваторската и реставраторската работа и повеќе научно-истражувачки проекти.
- Петте институти, па и МАНУ имаат само по еден, во просек, проект за научноистражувачка работа, што е апсурдно. Не може да се исклучат научната мисла, сознанијата, истражувањата во заштитата и третманот на културното наследство. Со научниот собир упатуваме апел да се внимава на тоа за да имаме соодветен третман на културното наследство, вели Ристески. ем/аа/