• понеделник, 23 декември 2024

Работата на пијанечкиот Цепенков овековечена преку „Соба на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“

Работата на пијанечкиот Цепенков овековечена преку „Соба на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“
Делчево, 1 октомври 2022 (МИА) - Да го посветиш целиот живот на народното творештво и со тоа да дадеш голем влог во зачувувањето на традицијата е нешто со што во денешно време ретко кој може да се пофали. Димитар Узунски е еден од луѓето кој со право го нарекуваат пијанечкиот Цепенков, бидејки целиот свој живот го помина во зачувувањето на она што претставува идентитет на еден народ, човек за кого е премалку да се каже дека е само учител, бидејки бил и собирач на народни умотворби, бил раководител на голем број фолклорни групи. Со неуморната работа успеа да го воздигне орото „Копачка“ на највисокиот пиедестал добивајки заштита од УНЕСКО. „Ви ги давам срцето и душата“, биле зборовите на Димитар Узунски кога ја предаваше документацијата на експертите што го бранеа орото „Копачка“ во УНЕСКО. Голем е неговиот придонес во афирмирањето на нашата држава на повеќе полиња од областа на културата, за што е добитник на државната награда 23 Октомври. Материјалните работи кои ги остави по неговата смрт минатата година, ќе останат да сведочат за неговото големо дело, кое тешко дека некој во најскоро време ќе успее да го повтори. Неговата оставштина, на денот на неговиот роденден 23 септември, беше промовирана преку „Собата на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“, проект реализиран во 2021 година, а субвенциониран од Министерството за култура и Општина Делчево чиј носител е здружението Фолклорна група „Копачка“. Изразувајќи благодарност до секретарот Лидија Дамјанова и Влатко Стојковски за помошта во реализацијата на проектот, како раководител на истиот претседателката Перса Стојановска пред присутните на промоцијата го потенцираше незаобиколниот факт на максималниот придонес во подготовките на собата од страна на самиот народен уметник, пијанечкиот Марко Цепенков, легендата на пијанечкиот фолклор Димитар Узунски, дури беше жив. - Нè напушти и, за жал, не дочека со свои очи да го види финалниот изглед на собата, за кој мечтаеше и се гледаше себеси како и понатака неуморно работи и трага по изворите на пијанечкиот фолклор. Покрај изведувачките работи за приспособување на собата за таа намена, како и опремувањето со витрини, преградна врата и друго во собата се уредија неговите лични документи, фотографии, најзначајни дипломи, благодарници, признанија, награди, како и неговите ракописи од собирачката фолклорна дејност, собрани во неговите тетратки, а секако овде се и неговите инструменти, носијата, машината за чукање и др. Во претсобјето се поставени информативната табла, галеријата со одбрани фотографии, како и дрвото на дејностите низ неговиот животен век, на кој стои само денот на раѓањето 22.9.1938, бидејки тој, преку неговите дела, ќе остане да живее во недоглед, рече Стојановска. Оваа соба не е само хартии од непроценлива вредност за еден народ од овој крај, оваа соба има душа и ќе брои векови, а ликот и делото на Димитар Узунски не ќе има заборав. - Тука се и неговите потомци од ќерка му Ирена Телетанска и синот Гоце Узунски, кои ќе ја чуваат приказната за таткото и дедо Димитар, како драгоцен и непроценлив бисер. На овој многу значаен денешен настан, ние од ФГ „Копачка" го потврдуваме нашиот решителен од, по патот кој тој ни го трасираше, кој и покрај другите негови животни дострели, најзаслужен е за впишувањето на орото „Копачка“ во УНЕСКО, во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото, додаде Стојановска. Во рамките на настанот пред присутните свое обраќање имаше синот на Димитар, членот на Синтезис, Гоце Узунски, кој потенцираше дека внатре посетителите нема да најдат ниту злато, ниту пари, туку нешто што значи идентитет и Македонија. - Мојот татко цел живот имаше идеја со својот труд да создава и работи во интерес на РС Македонија, а она што ќе го најдете внатре е оружје, со кое ќе се одбраниме од она што ни се случува. Ќе ви се заблагодарам на сите, ќе кажам дека работел повеќе професии, учител, раководител на фолклорната група Пијанец, на Копачката, во образовниот систем формирал народни оркестри и хорови и во сите установи каде работел сакал да остави свој белег на времето во кое живееше. Тој е редок човек кој ја носеше народната носија со гордост, не се срамеше да каже дека е Македонец, дека е од село Тработивиште, работеше за својата земја, се роди овде и почина во оваа куќа, рече Узунски. Меѓу присутните на промоцијата на Спомен-собата на Узунски дојдоа голем број луѓе, меѓу кои и соработници, од кои дел многу добро ги познаваа и со пиетет зборуваа за неговиот живот и дело. Сатиричарот Миле Ѓорѓијоски за Узунски кажа дека тој бил учител на сите, секој можел по нешто да научи од него. Иако сите го знаеле по фолклорот, бидејки Узунски е познат по народното творештво и собирањето умотворби, Ѓорѓијоски соработката со учителот ја нашол онаму каде бил неговиот интерес, а тоа е собирањето на народните приказни, брзозборки или со еден збор, итроштината по која е познат Македонецот. - Се запознавме за време на снимањето на емисијата „Од фолклорното богатство на Пијанец" и оттогаш таа дружба не престана. Пред да почине, тука баш на ова место, земавме од него интервју, јас бев во екипата која земаше стенограм. Тука тој ни евоцираше спомени од неговите учителски денови. Иако покрај физичката немоќ, духовно изгледаше како да има 30 години, рече Ѓорѓијоски. Сигурен е дека неговиот дух вечно ќе живее, и изрази надеж дека оваа соба е зачеток на поголеми работи за учителот. - Се надевам дека тој ќе добие и улица, а зошто не и училиште, бидејки цел живот бил учител. Се надевам дека екот на тапанот од Копачката ќе го означи првиот фестивал Димитар Узунски, но не само како смотра на игроорни групи, туку како еден пресек на сè она што е народна музика, народни умотворби, гатанки и поговорки, еден фестивал кој, како што кажа неговиот син, ќе биде најсилното оружје со кое ќе се одбраниме од она што ни се случува денес, додаде Ѓорѓијоски. Васил Маневски е еден од луѓето кои со Димитар Узунски биле колеги, соселани и роднини. Ги зближила просветата и подрачното училиште каде не оставале ниту еден државен празник да биде одбележан без свечена академија. Изразувајќи благодарност за неговото дело и неговата голема љубов кон село Тработивиште, Делчево и Македонија, Маневски е сигурен дека еден ден Узунски ќе добие и своја монографија. - Работевме повеќе години заедно во нашето училиште, јас предавав македонски јазик, тој музичко образование и историја. Се сеќавам дека не остававме ниту еден значаен државен празник да не направиме свечена академија со приредба со настап на неговиот хор и оркестар и мојата литературно-рецитаторска секција. Луѓето тоа умееа да го препознаат. Кога јас станав главен и одговорен уредник во Радио Делчево, тогаш ја почнавме и култната емисија „Од фолклорното богатство на Пијанецот". Имаме многу доживувања, патувања во земјава и странство заедно, имаме голем број признанија кои се веќе во собата. Како новинар имам пишувано многу за него, а имам и направено краток документарец. Се надевам дека еден ден ќе смогнеме сили да направиме монографија за Димитар Узунски, која тој ја заслужува, рече Маневски. Интересни спомени од дружбата со Узунски сподели и сограѓанинот Крум Николовски, кој додека бил вработен во Општината учествувал во изработката на портрет на Узунски, како значајна личност за Општина Делчево. - Кога му се доделуваше државната награда 23 Октомври, патував со него и го прашав: „Учителе, кога сето тоа го постигнуваш, покрај наставник, ти си учител, земјоделец, чуваш стока, кога тоа го постигнуваш?“, на што ми одговори: „Сите вечерта одеа во крчмата да пијат пиво, јас седев дома и пишував“. Во 2002 година правевме портрети на значајни личности во Општината и овде во Собата гледам копија од фотографија чиј текст е мој, значи беше сместен и во групата значајни личности на општината, рече Николовски. За новинарот Ванчо Механџиски, највпечатлива средба со Димитар Узунски била средбата кога требало преку негов портрер да се претстави целокупниот негов ангажман. - Бидејќи работеше како педагот, раководител на фолклорни групи, она што ми остави впечаток како исполнител тој секогаш инсистираше да пее на наш дијалект. Исто така и кога ќе настапеше сакаше да биде некоја песна која на поголемиот дел од народот не му е позната, рече Механџиски. Претседателката на Копачка, Перса Стојановска, уште како дете се сеќава кога додека нижеле тутун, ја чекале емисијата „Од фолклорното богатство на нашето поднебје“ како авторско дело на Узунски. Поради тоа што уште тогаш била задоена од Копачката, бидејќи татко ѝ и дедо ѝ Димитар Станоевски биле ороводци во Копачката, се нашла во редовите на групата и на нејзино големо задоволство можела да го види одблизу неговиот лик и сè она што Узунски го носеше во душата и за што се бореше низ годините. - Тој целиот фолклор што го ставаше на хартија со својот ракопис го носеше длабоко во душата. Ништо поинаку немаше да каже, сè кажуваше преку фолклорот, сè кажуваше во поговорки, во брзозборки, во некој приказ... знаеше кога ќе патувавме на фестивалите да раскаже некоја народна приказна и иако пристигнувавме на одредиштето тој немаше да стане и да слезе од седиштето додека не ја раскаже. Значи сè она што го имаше во душата, сакаше да го пренесе и предаде на поколенијата, но тоа беше премногу, тој тоа го живеел. Не само што го работел, тоа што незапирливо одел на терен подоцна кога јас се приклучив на Копачката однапред ги знаеше и инструменталистите и да речеме изведувачите на пијанечкиот фолклор, раскажува Стојановска. Неговото заминување, како што додаде, било болно, но сепак оваа соба и бисерите што ги имал сместено од душата во овој простор помалку од 20 квадрати не можат во целост да ја раскажат приказната за неговиот живот и дело. - Сепак, со една симболика може некој почитувач да влезе и да остави слика за него, како вреден, неуморен народен уметник, фоклорист, кој и во македонски рамки не остана незабележан и ја доби наградата 23 Октомври, заврши Стојановска. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој ја пушти во употреба собата, потенцираше дека на денот на роденденот на пијанечкиот Цепенков, Узунски, Делчево и неговите следбеници од Здружението „Копачка“ од село Драмче, како и неговото семејство, им подаруваат на сите почитувачи на неговиот лик и дело, на љубителите на фолклорот и традицијата, спомен-соба која ќе го чува споменот за Узунски, и на секој посетител и добронамерник ќе му раскажува за неговата посветеност и ентузијазам, за неговата љубов кон културното и фолклорното наследство, за неговиот живот „Копачката“. - Узунски е делчевска гордост и непресушен извор за пијанечкиот фолклор и традиција. За неговото дело и наследство може да се пишува многу, но неговото наследство е немерливо и нема доволно зборови за да се опише, бидејќи неговото значење за Делчево, за делчевци, за македонскиот фолклор и традиција е уникатно. Димитар Узунски беше и ќе остане синоним на делчевcкиот фолклор и традиција, рече Трајковски. Во знак на благодарност за помошта во реализацијата на проектот „Соба на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“, ЗФГ „Копачка“ додели благодарници на градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, Министерството за култура и Македонија пат. Собата на Димитар Узунски е сместена во неговата родна куќа во делчевското село Тработивиште. Валери Спасевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан