• сабота, 23 ноември 2024

Пуштена Пречистителна станица за технолошки води во велешката Крзнарската индустрија А.Д. „Димко Митрев“

Пуштена Пречистителна станица за технолошки води во велешката Крзнарската индустрија А.Д. „Димко Митрев“
Велес,16 ноември 2022(МИА) - Во кругот на Крзнарската индустрија А.Д. „Димко Митрев“ во Велес денеска свечено беше пуштена во функција најсовремена Пречистителната станица за технолошки води, што е втора фаза на прочистување на отпадните води од Погонот за штавење. Опремата во најголем дел е испорачана од италијанската компанијата „Делта Аква“ а која го пратеше и инсталирањето на опремата, а воедно кој го изработија и извршниот проект за првата и втората фаза од оваа Пречистителна станица. Со пуштање во функција на  втората фаза ќе се овозможи  целосно прочистување на испусните води од овој погон со тоа што  целосно технолошки прочистената вода отсега ќе може повторно да  се користи  во производствениот процес на фабриката,а потоа испуштена во реката Вардар нема да ја загадува. Оваа е една од најголемите инвестиции во заштитата на животната средина во Велес, земјава, па и поширокиот регион велат инвеститорите и стручњаците по екологија. За неа сопственикот Свен Јоркман од шведската компанија „Shepherd of Sweden“ а кој е доминантен акционер во велешката Крзнарска индустрија во оваа втора фаза вложи 1 милион и 570 илјади евра. - Во првата фаза за прочистување на хромни отпадни води од истиот погон, а која успешно функционира од 10 октомври 2019 година беа вложени околу 320 илјади евра, информираше пред присутните генералниот извршен директор Атанас Киров. Свен Јоркман доминантниот акционер на Крзнарата „Димко Митре“ и сопственик на„ Shepherd of Sweden“ во своето обраќање до присутните истакна дека за двете фирми ова е голем чекор. - За нас три работи се многу важни,одговорноста што ја имаме за нашите производи,животната околина и одржливоста. Според ова ние можеме да ја креираме нашата иднина, да продолжиме да развиваме нови производи, да бидеме конкурентни во светот. Без оваа Пречистителна станица во фаза еден и два би било невозможно ние да продолжиме напред .За нас е мотивација и ние сме решени да продолжиме понатаму. Го планиравме ова со тимот многу години дискутиравме да го направиме и еве денеска сме среќни што  го  реализиравме сето тоа, потенцираше Јоркман. Јована Секуловски, инженер технолог која ќе раководи со Пречистителната станица за која вели дека ќе функционира  нон стоп во три смени  365 односно 366 дена во годината, информира дека во првата фаза повеќе од 3 години веќе се прочистуваат отпадните хромни води од Погонот за штавење. Односно се отстранува 6 то валентниот хром кој е тежок метал а кој многу лошо влијае на животната средина односно реката во која се испушта. - Во втората фаза се работи на органските материи и се врши биолошка оксидација, биолошка седиментација и терцијален третман со хемикалии и повторно седиментација. На крајот има и линија во која ќе се пресува калта да биде до таа мера сува за да може да се исфрли на отпад, појасни Секуловски. Таа потенцира дека со оваа втора фаза Фабриката добива вода која е дезинфицирана и која ќе може повторно да се користи во производствениот процес, со што ќе можат да заштедат големи количества на вода. Како најважно на крај  со испуштање на отпадната вода во реката Вардар, таа отпадна вода ќе биде доволно чиста и нема да ја загадува реката и животинскиот свет во неа, потенцира Секуловски. Инспекторите по животна средина за МИА, потсетуваа дека Крзнарската индустрија А.Д. „Димко Митрев“ пред 10-тина години беше еден од најголемите загадувачи на животната средина односно на водите на реката Вардар. Со реализација на овој голем проект се придонесе за заштита на реката и заштита на животната средина, пример кој треба да го следат и останатите фирми во земјава, а кои сеуште немаат Пречистителни станици. Инаку Крзнарската индустрија А.Д  „Димко Митрев“ пред 3 години со реализацијата на првата фаза за прочистување на отпадната вода од 6 то валентниот хром доби Б Интегрирана еколошка дозвола за работа. Инспекторите по животна средина појаснуваат дека реализацијата на оваа  втора фаза е должност од вториот дел од обврската за добиената  Б Интегрирана еколошка дозвола. ад/сх/

Остани поврзан