• вторник, 24 декември 2024

Пуштена во употреба спортска сала во училиштето во Муртино

Пуштена во употреба спортска сала во училиштето во Муртино
Струмица, 6 јуни 2022 (МИА) - Во ООУ „Маршал Тито“ во селото Муртино денеска беше пуштена во употреба спортска сала наменета за одржување на часовите по физичко образование во најсовремени услови на површина од 650 метри квадратни за учениците од ова и од населените места Сачево, Банско и Габрово, кои посетуваат настава во училиштето. На настанот присуствуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири, и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. Според министерот Шаќири, изградба на вакви важни проекти се можни кога има одлична соработка меѓу централната и локалната власт. - Станува збор за инвестиција од 23,5 милиони денари обезбедени од буџетот на МОН и Банката за развој при Советот на Европа. Салата е модерен објект, кој е енергетски ефикасен и има мултифункционална намена со опрема за повеќе спортски дисциплини. Сакам да информираме дека активностите на Министерството на овој план продолжуваат да се реализираат со забрзана динамика затоа што нашата намера е на што повеќе ученици да им обезбедиме услови за образование и спорт. Во моментот се градат уште три нови спортски сали и пет нови училишни објекти, а повеќе од 40 се реконструирани, рече министерот Шаќири. Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека во изградбата на оваа спортска сала учествувала и Општината, која навремено и квалитетно ги завршила обврските кои произлегле од Договорот - Учествувавме со финансиски средства од над 700.000 денари и тоа за расчистување на локацијата и дислокација на постоечката подземна и надземна инсталација, обезбедување на постојаните приклучоци за водоводна, канализациска и електро-дистрибутивна мрежа, а во текот на летниот период ќе се изврши приклучок на салата кон топловодната мрежа од постоечката котлара на училиштето за затоплување на истата во зимски услови, рече Костадинов. Тој додаде дека наскоро ќе почне изградба на нова спортска сала во ООУ „Сандо Масев“ во Струмица, која ќе се гради во соработка меѓу Општината и Министерството. рт/ар/

Остани поврзан