• понеделник, 23 декември 2024

Путин ги повика Киргистан и Таџикистан да го деескалираат граничниот конфликт

Путин ги повика Киргистан и Таџикистан да го деескалираат граничниот конфликт
Москва, 18 септември 2022 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска во одвоени телефонски разговори ги повика лидерите на Киргистан и Таџикистан да го деескалираат граничниот конфликт во кој, според новите податоци, загинаа 71 лице. Како што пренесуваат странските агенции, тој ги повика двете страни да спречат натамошна ескалација на конфликтот и што е можно поскоро да преземат мерки кои ќе доведат до решение на ситуацијата исклучиво преку мирни, политички и дипломатски средства. Путин ја потврди подготвеноста на Русија, сојузник на двете земји, да ја даде потребната помош за да се обезбеди стабилност во пограничната област на Киргистан и Таџикистан. Двете земји денеска објавија дека бројот на загинати во нивниот пограничен конфликт се искачи на 71 лице. Во исто време, втор ден е во сила кревкото примирје меѓу двете централноазиски држави. Киргистанското Министерство за здравство соопшти дека уште 12 лица починале во регионот Баткен, кој се наоѓа на југозапад од Киргистан и се граничи со Таџикистан. Претходните податоци се однесуваа за 24 загинати лица. Таџикистан, исто така, денеска соопшти за нови жртви, објавувајќи дека загинале 35 лица. Нема информации за масовни евакуации на жители од областа. Двете поранешни советски републики се судрија на нивните граници оваа недела, обвинувајќи се меѓусебно дека користеле тенкови, минофрлачи, ракетна артилерија и беспилотни летала во нападите врз пограничните населби. Двете страни се согласија за прекин на огнот што стапи на сила во петокот и во голема мера се одржува и покрај неколку пријавени гранатирања. паг/    

Остани поврзан