• понеделник, 23 декември 2024

Путин ги обвини Украина и „западните специјални служби“ за поттикнување антиизраелски немири на аеродромот во Дагестан

Путин ги обвини Украина и „западните специјални служби“ за поттикнување антиизраелски немири на аеродромот во Дагестан

Москва, 30 октомври 2023 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини Украина и „западните специјални служби“ за поттикнување антиизраелски немири на аеродромот во Махачкала во Дагестан синоќа.

Тој ги повика руските безбедносни служби да продолжат да работат на одржување на редот.

- Настаните во Махачкала синоќа беа поттикнати преку социјалните мрежи, не само од Украина, од рацете на агенти на западните специјални служби, рече Путин.

Тој им нареди на органите на редот да преземат „цврсти“ мерки по нападот на антисемитската толпа.

-Сакам да го свртам вниманието на лидерите на сите региони, на водачите на полицијата и специјалните служби на потребата од цврсти, навремени и јасни активности за заштита на уставниот поредок на Русија, правата и слободите на нашите граѓани и меѓуетничка и меѓурелигиска хармонија, рече тој, пренесува Тајмс оф Израел.

Во руската република Дагестан приведени се 83 лица кои учествуваа на антиизраелски протест на аеродромот во Махачкала, соопштија денеска локалните власти.

-Истрагата продолжува со цел идентификување и апсење на организаторите и учесниците на масовните немири на аеродромот во Махачкала. Во моментов се уапсени 83 лица кои учествувале во нелегални активности, се вели во соопштението на руското Министерство за внатрешни работи.

На аеродромот во Махачкала во неделата избувнаа нереди по слетувањето на авионот од Тел Авив, кога беа повредени 20 демонстранти и девет полицајци, од кои двајца се хоспитализирани. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан