• понеделник, 23 декември 2024

Пулицеровата награда за новинарство ги добија „Pro Publica“ и Асошиетед прес

Пулицеровата награда за новинарство ги добија „Pro Publica“ и Асошиетед прес

Њујорк, 7 мај 2024 (МИА) - Престижната Пулицерова награда за новинарство му е доделена на истражувачкиот медиум „ProPublica“ за „иновативното“ известување за тоа како милијардерите ги „придобивале“судиите на Врховниот суд на САД со подароци и обезбедување патувања. Агенцијата Асошиетед  прес е награден во категоријата фото-репортажа за известување за имиграцијата во САД преку Латинска Америка.

Наградата за известување од јавен интерес ја добија Џошуа Каплан, Џастин Елиот, Брет Марфи, Алекс Миерјески и Кирстен Берг како репортери на „Про паблик“.

Фотографиите на АП се направени низ Латинска Америка и долж границата меѓу САД и Мексико, во Тексас и Калифорнија, во годината кога миграцијата беше една од најголемите теми во светот.

Со оваа престижна награда се овековечени 15 фотографии од вработени во агенцијата АП и тоа Грег Бул, Ерик Геј, Фернанд Лано, Марко Угарте и Едуардо Вердуго, како и долгогодишните вработени во АП Кристијан Чавез, Феликс Маркез и Иван Валенсија.

Пулицеровата комисија доделува и награди за извонредна работа во области како што се литературата, музиката и театарот.

Наградите се воведени со последната волја на издавачот Џозеф Пулицер.

За наградите одлучува Универзитетот Колумбија во Њујорк, кој и самиот беше во вестите за студентските демонстрации против војната во Газа. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан