Процедениот јогурт најдобра закуска по напорен тренинг
- Истражувачите откриле дека додавањето процеден јогурт го намалува воспалението поделотворно од вносот на само јаглехидрати.
Торонто, 8 октомври 2025 (МИА) - Според ново истражување, процедениот јогурт нуди придобивки што одат подалеку од само внос на протеини, за телото воопшто, по тренинг.
Во труд објавен во списанието „Нутриентс“ (Nutrients), канадски истражувачи ги следеле тренинзите на 30 здрави, млади возрасни мажи и ги анализирале нивните закуски по тренингот што содржеле јаглехидрати и процеден, или тн. „грчки“ јогурт. Истражувачите откриле дека додавањето процеден јогурт во исхраната го намалува воспалението поделотворно од вносот на само јаглехидрати. Воспалението е нормална реакција по напорен тренинг, кога кај мускулните влакна може да се јават мали кинења, па тоа се манифестира како болка, вкочанетост и оток. Освен тоа, процедениот јогурт по тренингот го поддржува растот на мускулите.
Сертифицираната клиничка нутриционистка Отун Бејтс за „Фокс њуз дигитал“ (Fox News Digital) изјави дека, поради неговата содржина на протеини - густиот процеден јогурт е „совршената закуска“ по тренинг.
- Протеините се главната хранлива материја за закрепнување по тренинг. Процедениот јогурт е богат со аминокиселината леуцин, потребна за оптимално опоравување на мускулите. Јагленохидратите помагаат во замена на мускулниот гликоген, но не го обезбедуваат градивото за закрепнување на мускулите, како аминокиселините, рече таа.
За сите овие придобивки од оваа намирница, потребен е само обичен, незасладен и идеално полномасен процеден јогурт - со ниска масленост, според Бејтс. Покрај тоа, полномасните млечни производи имаат значително повеќе витамин К-2 - суштинска хранлива материја за здрави коски, срце и заби.
И друга храна корисна во битката против воспаленијата, како масна риба, суви јаткасти плодови и семки, бобинки, лиснат зеленчук; и здрави масти, како маслиновото масло, со намалена преработена храна и транс-масти, како и помалку рафинирани шеќери, алкохол и цигари, исто така, може да помогне во намалувањето на воспалението во телото. И земањето висококвалитетни додатоци како што се омега-3 масни киселини, куркумин и витамин Д, може да помогне. си/сд/
Фото: Википедија.