• сабота, 06 декември 2025

Проф. д-р Садудин Ибраими инаугуриран за ректор на УЈИЕ 

Проф. д-р Садудин Ибраими инаугуриран за ректор на УЈИЕ 

Тетово, 3 септември 2025 (МИА) - Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово информираше дека денеска на свечена церемонија е извршена инаугурација на новиот ректор проф. д-р Садудин Ибраими.

Во своето поздравно обраќање, претседателот на Одборот на УЈИЕ, проф. д-р Клаус Тотерман, истакнал дека изборот на проф. д-р Садудин Ибраими за нов ректор претставува важен момент за понатамошниот развој на институцијата и израз на довербата на Одборот и академската заедница во неговите лидерски способности.

По примопредавањето на мандатот, поранешниот ректор, акад. проф. д-р Абдулменaф Беџети, изјавил дека „денес е ден на предавање на штафетата“ и изрази уверување дека новиот ректор ќе го води Универзитетот кон уште посветли поглавја.

-Професор Ибраими ги има докажано своите капацитети во текот на целото свое професионално делување и дополнително ќе ја динамизира развојната насока на Универзитетот, со поддршка од кадарот и од целата универзитетска заедница, истакнал Беџети.

Во своето обраќање, новиот ректор, проф. д-р Садудин Ибраими, истакнал дека ја презема оваа одговорност со длабока благодарност кон своите претходници и со јасна визија за понатамошно градење врз веќе воспоставената основа. Тој се обврзал дека Универзитетот ќе продолжи со промислен и амбициозен развој, проширувајќи го своето влијание во високото образование во земјава и во регионов.

-Да го изградиме заедно Универзитетот без граници, кој ги промовира вредностите на различноста, еднаквоста, одговорноста и служба кон општеството, универзитет кој развива не само знаење, туку и човечност, истакнал тој.

Заменик-министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, нагласил дека Министерството за образование ќе продолжи да го поддржува овој универзитет.

-Убедени сме дека со вашето искуство, професионализам и посветеност, успешно ќе го водите универзитетот кон нови предизвици со тоа што ќе дадете приоритет на иновациите, дигитализацијата и вклучувањето на студентите во процесот на донесување одлуки. Министерството за образование и наука ќе продолжи да биде близок партнер на вашиот универзитет и на другите универзитети во земјава, истакнал Алиу.

На промоцијата присуствувале претставници на дипломатскиот кор, ректори на универзитети од земјата, Албанија и од Косово, личности од општествениот и деловниот живот, членови од семејството, академскиот кадар и студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа. ас/вј/

Фото: УЈИЕ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан