Протест против молкот на власта за Димитриеска Кочоска, СДСМ нема да учествува на седница ниту во Клубот на пратенички
- Да се зборува за родова еднаквост, за заложби и достигнувања, додека само пред неколку дена од собраниската говорница беше изречена тешка навреда и дискриминација кон жените - е крајно лицемерно и срамно, истакна пратеничката Јована Тренчевска.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Пратеничката група на СДСМ и коалицијата на денешната прес-конференција соопшти дека тие нема да учествува на пленарната седница посветена на 8 март. Нивното отсуство, како што беше истакнато, е протест против неправдата, дискриминацијата и премолчувањето на навредите кон жените.
- Во пресрет на 8 март - Меѓународниот ден на жената, ја изразуваме нашата почит и благодарност кон сите жени кои се бореле и кои и денес се борат за еднакви права и подобра положба во општеството. Собранието на Република Северна Македонија, токму во таа насока, веќе трета година по ред одржува пленарна седница посветена на прашањата за родовата еднаквост, иницијатива што започна во 2022 година кога парламентарното мнозинство беше предводено од СДСМ. Но, да се зборува за родова еднаквост, за заложби и достигнувања, додека само пред неколку дена од собраниската говорница беше изречена тешка навреда и дискриминација кон жените - е крајно лицемерно и срамно, истакна пратеничката Јована Тренчевска.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, со нејзините навредливи и понижувачки зборови, како што беше истакнато, покажала крајно непочитување кон жените во општеството.
- Она што е уште позагрижувачко е што не следеше никаква реакција ниту од неа ниту од Собранието ниту од Клубот на пратенички. Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која ја водеше седницата, остана нема, го премолче скандалот. Овој молк е подеднакво загрижувачки како и навредите што беа изречени, децидна беше Тренчевска.
Таа додаде дека пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ во Клубот на пратенички спречија институционална реакција и осуда на дискриминацијата.
- Иако првично се согласија дури и со ублажени формулации, добија наредба од партијата и истиот ден се повлекоа. Наместо да одлучуваат жените кои се избрани тука во Собранието, пратеничките на ДПМНЕ дозволија Мицкоски да одлучува за нив. Кога молчиш пред навредите, пред дискриминацијата, тоа значи дека ги поддржуваш. Денешната седница треба да биде простор за дебата за правата и положбата на жените, но, како да учествуваме во дискусии кога истите тие кои требаше да реагираат - молчат, нагласи Тренчевска.
Беше нагласено и дека нема да учествуваат во лицемерни процеси и да прифаќаат молк пред неправдите.
- Затоа, пратеничката група на СДСМ и коалицијата нема да учествуваат на пленарната седница посветена на 8 март. Нашето отсуство е протест против неправдата, дискриминацијата и премолчувањето на навредите кон жените. Дополнително, пратеничките од СДСМ и коалицијата нема да учествуваат во работата на Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности во Собранието, сѐ додека не видиме конкретна акција и осуда на навредливите изјави. Нема да запреме со реакциите сѐ додека таа не ја поднесе оставката или не биде разрешена, беше порачано на прес-конференцијата.
Како што изјави Тренчевска, 8 март не е само ден за честитки - туку и ден за акција. бд/дма/
Фото и видео: Центар за комуникации со јавноста на СДСМ